Мицкоски направи мала грешка – Македонија е осма, а не шеста по порастот на туристи
Зголемувањето на бројот на туристите во Македонија е добар знак за оваа индустрија и за целата економија

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека според Светската туристичка организација на ОН, Македонија е шеста дестинација која што привлекла најголем број на туристи во светот, по процентот на раст, споредено со истиот период минатата година. Се разбира, секој премиер сака да се пофали за успесите на државата кога ја води. Но понекогаш се прават грешки, можеби и ненамерни.
Според извештајот на Светската туристичка организација на ОН Македонија е во првата десетка на порастот на туристи, но не на шесто место, како што тврди Мицкоски, туку на осмо. Извештајот ги наведува податоците за првиот квартал од 2025 споредено со истиот период лани. Тие податоци покажуваат дека бројот на туристите во Македонија е зголемен за 22 отсто.
Прв на листата со најголемо зголемување на бројот туристите е Парагвај со 53 проценти, па Бразил со 48, Чиле со 48, Гамбија со 46, па Израел со 31, Виетнам со 30, Јапонија со 23 и Македонија и Мароко со 22 отсто.
Секако, ова се добри бројки за македонската економија. Но Македонија ја нема меѓу првите 20 дестинации со најдобри резултати во однос на приходите во првот квартал од 2025 година. Таму повторно е најдобар Парагвај (јужноамериканска земја без излез на море, една од двете такви земји на континентот) со пораст од 49 отсто. Турција, на пример, е 20. со пораст од 7 отсто во приходите. Но кога се знае дека Турција е четврта по ред во светот по бројот на туристи во 2024 – 60 милиони – порастот од приходите веројатно се брои во милијарди долари. Инаку, најпосетена земја од туристи во 2024 е Франција со 102 милиони. Грција, на пример, имаше 36 милиони туристи.
Зголемувањето на бројот на туристите во Македонија е добар знак за оваа индустрија и за целата економија. Ако не го сметаме Израел за европска земја (а често, иако не географски, се смета за таква), Македонија има најголем пораст во Европа по бројот на туристи во првиот квартал. Добро ќе биде така и да продолжи.