Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најавува дека на локалните избори ќе излезат со нови ликови кои, според него, се нов бран на политичката сцена и „ќе покажат дека може поинаку“.
„Во петок ќе имаме прес конференција на која што ќе презентираме дел од имињата за преостанатите скопски општини, но исто така и за други општини во Македонија. Од прилика дваесетина мислам дека ќе бидат нови имиња“,изјави Мицкоски во гостување во централниот дневник на Сител телевизија.
Одговарајќи на некои реакции во јавноста, Мицкоски оцени дека професорката Котлар е исклучителна жена и дека со своето делување и ставови кои што во изминатиов период ги рефлектирала во јавноста е лице кое што може да направи навистина добар резултат, нешто што покажале интерните мерења.
„ВМРО-ДПМНЕ не е партија која што има фрустрација дека тоа мора да биде човек кој што има свое портфолио на ВМРО-ДПМНЕ, туку целта на партијата е да излезе со кандидат кој што ќе го победи СДСМ и Зоран Заев во Општина Центар“, рече Мицкоски.
Според него обединет опозициски блок буквално ќе го растури ова тенко владино мнозинство, а тоа го покажуваат и истражувањата на јавното мислење.
„Левица рече на изборите ќе одат само со листи за советници и ако одат така може да разговараме за мнозинство во општините во советите, а претходно може да разговараме за поддршка за кандидати за градоначалници на опозицијата, без разлика од кои партии дали ќе се кандидати на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса, Алтернатива или заеднички“, кажа Мицкоски.
Христијан Мицкоски уште еднаш покажа дека ниту самиот не верува во неговата понуда за кандидати за градоначалници, реагираа од СДСМ на изнесените ставови на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Очигледно е дека Мицкоски има проблем да најде кандидати за градоначалници, затоа што знаат дека ВМРО-ДПМНЕ е извесен губитник на локалните избори.
Класичен блеф е ставот на Мицкоски дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи во Град Скопје, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски ги очекува пораз не само во Скопје туку и низ целата држава“, порачаа од СДСМ.