Мицкоски најави влегување на македонскиот пазар на швајцарска фирма што во Велес работи веќе 18 години

Фармацевтската швајцарска компанија „Ронтис“ изразила желба да отвори погон во Македонија, откри денеска премиерот Христијан Мицкоски. Ова можеби ќе беше некаква вест, ако „Ронтис“ првпат доаѓаше во Македонија. Имено, „Ронтис“ веќе работи во Велес и тоа од 2007 година и произведува крвни линии за хемодијализа.
„Приоритет на оваа Влада е привлекување на нови странски инвестиции. Инвестиции и нови работни места“, истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали има нови најави за инвестиции во Македонија.
„Можам да кажам дека имаме веќе потврда од швајцарска фармацевтска компанија „Ронтис“ која ќе инвестира во Македонија неколку десетици милиони евра, за повеќе од 500 вработени. Добро платени вработени. Тоа е само низа во оние убави вести за македонските граѓани кои ги соопштуваме изминатиов период“, рече Мицкоски.
Велешката фармацевтска компанија „Ронтис“ е дел од познатата швајцарска корпорација „Rontis corporation“ и веќе 18 години испшува дел од успешната стопанска историја на земјава. Произведуваат крвни линии за хемодијализа, а впрочем по тоа се единствени во земјава. Освен тоа „Ронтис“ прави и помагала за администрација на течности и нивни дотаоци, катетери и назален аспиратор. Но, производството се извезува со што оваа домашна компанија е сериозен играч во здравствената инустрија на глобално ниво.
Во 2020 година отвориле и нов, иновативен простор во повеќе оддели, каде компанијата нуди современи решенија во оваа област.
Од компанијата велат дека квалитетот на производите е нивна главна стратегиска цел, за што располагаат со модерен и континуирано ажуриран систем за управување со квалитетот.
„Ронтис“ ДООЕЛ – Велес има повеќе од 300 вработени кои се од општините Велес и Чашка, Скопје и од околните рурални средини. Целта на фирмата е да расте и да се шири со отворање на нови работни места преку отворање на нови оддели и модернизација на постојните оддели.