Мицкоски најави нови раководства во ЕСМ и во РЕК „Битола“, лично е фокусиран во изборот на кадри


 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека многу скоро ќе биде назначено ново раководство на ЕСМ и на РЕК „Битола“. 

Во изјава за медиумите дадена при денешната посета на Битола, Мицкоски рече дека лично е фокусиран во изборот на кадри за овие две институции.

„Лично сум фокусирам во изборот на кадри во РЕК ‘Битола’, бидејќи го знам комбинатот и го знам поранешно ЕЛЕМ, денешно ЕСМ, така што многу скоро ќе имаме ново раководство“, рече Мицкоски. 

Во однос на изградбата на топловодот за Битола, Мицкоски изјави дека топловодот ќе биде изграден и дека нема да биде затворен РЕК „Битола“ бидејќи без неговата работа не може да функционира топловодот. 

„Имаме план како тоа да го реализираме. Топловодот ќе се изгради и ќе се пушти во употреба. Имаме намера сето она што тие го потпишале, а кое е штетно за битолчани, да го поништиме и да вложуваме во иднината на овој регион. Нема да водиме лицимерна политика – од една страна да го затвораме РЕК ‘Битола’ и да оставаме илјадници луѓе на улица, а од друга страна да трошиме повторно пари на граѓаните и да градиме топловод којшто кога би се затворил РЕК ‘Битола’ ќе нема ресурси од каде да се затоплува Битола. Ќе го сочуваме РЕК ‘Битола’ и ќе го изградиме топловодот“, рече Мицкоски.