Мицкоски пак се фали со инвестиции на СДСМ – ја најави „Брејнчајлд“ која веќе работи во Битола


 

Премиерот Христијан Мицкоски при посета на Општина Брвеница одговарајќи на новинарско прашање, дали има нови инвестиции, информираше дека во државата, на домашниот пазар има една нова инвестиција којашто е завршена и уште неколку коишто се во процес на завршување. Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно да се зголемат до крајот на годината.

„Да, да тоа е исто така убава, добра вест. Имаме една нова инвестиција којашто е веќе завршена и уште неколку коишто се во процес на завршување. Очекувам до крајот на годината и тие да ги завршиме, ова е инвестиција на компанијата ‘Бреjнчаjлд’. Вредноста е некаде околу осум и пол милиони евра и очекувам и таа да вработи околу стотина луѓе. Веќе ја закупија парцелата во зоната Жабени, почнуваат да ја градат првата хала од 3.000 квадратни метри“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека во периодот којшто следи ќе бидеме сведоци на уште нови и успешни вести и очекува бројот на странски инвестиции драматично да се зголеми до крајот на годината.

Фабриката „Брејнчајлд“ меѓутоа веќе функционира во нашата земја. Според официјалната интернет страница „Брејнчајлд продукција е новооформена фабрика во Битола од страна на странскки инвеститори, Посветена да постави еколошко OEM производство, во срцето на Европа.“

„Базирани на високо технолошки материјали и производни процеси поставуваме нови стандарди во индустријата на спортови на ветер и нивни аксесоари“, велат тие.

Минатата година повеќе портали известија за оваа инвестиција.

Така, според порталот „Апла.мк“, германскиот параглајдерист и кајтсурфер Ралф Гросел од Германија, познат по производство на спортска опрема ја отвори фабриката „Брејнчајлд продукција“ за еколошко производство на опрема за водени спортови во Битола. Тој раскажува дека во Македонија дошол да лета со параглајдер на покана на нашиот светски познат параглајдерист Мартин Јовановски на фестивал во Крушево и многу му се допаднале условите и пределите што ги нуди државата за овој вид на спорт.

Фабриката која првично е сместена во старата индустриска зона во Битола, лани во април ја посети вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи кој рече дека е наменета за модерно и еколошко производство на спортска опрема за водени спортови. Инвестицијата на оваа компанија во производство и истражување и равој ќе изнесува 13,5 милиони евра.

„Ќе отвори приближно 275 нови работни места во следните 5 години, а со проектирана цел за 10 години да се реализираат 530 вработувања и 35 нови работни места во истражување и развој“, рече Битиќи.