Мицкоски најави дека Ердоган ќе дојде пролетва во Скопје
Во разговорите со претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, дефиниравме оваа пролет да се одржи прв состанок, на кој тој ќе дојде во Скопје, рече истакна премиерот Христијан Мицкоски на денешната седница на македонското Собрание одговорајќи на пратеничко прашање од пратеникот Сали Мурати, а во врска со билатералните односи меѓу двете земји.
Премиерот Мицкоски потсети дека договорот за соработка со Турција не беше потпишан долго време, а се потпиша со доаѓањето на оваа Влада.
„Претпоставувам таа посета ќе се реализира, во моментот не можам да кажам точно кога и како, но знам дека Турција има исклучително одличен амбасадор во Скопје, димпломат од висок ков, со кого имаме одлична соработка и тој придонесе за уште поблиските односи меѓу двете земји“, истакна премиерот.
Со потпишувањето на договорот за проширување на билатералната соработка во овој период интензивирани се партнерства на повеќе полиња – посочи премиерот Мицкоски.
„Потпишавме договор за проширување на билатералната соработка со Турција, нешто што претставува наша стратешка цел и во рамките на тоа партнерство контактите се засилени и повеќето од компаниите што доаѓаат кај нас или потенцијални инвеститори од Турција во Македонија веќе се прифатени од институциите и ги почнуваат своите инвестиции или се во фаза на почеток да ги реализираат. Договорот не беше потпишан долго време, а се потпиша до доаѓањето на оваа влада и во рамките на договорот се интензивира соработката на полето на одбраната. Министерството за одбрана и Армијата со соодветните институции на владата на Турција соработуваат, непосредно вршиме набавка на одбранбени системи, истовремено обучуваме кадри и во таа смисла мислам дека со доаѓањето на оваа Влада во голема мера се интензивира билатералната соработка меѓу двете држави. За мене, главен интерес е малку да се коригира нивото на трговската размена бидејќи Турција има голем суфицит во размената со Македонија“, нагласи Мицкоски.