Мицкоски на средбата со Баздникин ја поддржал Украина
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, му порачал денес на амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Сергеј Баздникин, дека се залага за почитување на територијалниот интегритет на сите независни држави и за дипломатско надминување на сите различни ставови во поглед на актуелните прашања. Тој практично се најде на иста линија со ставот на македонската влада, искажан денес од премиерот Димитар Ковачевски во седиштето на НАТО во Брисел.
Рускиот амбасадор деновиве имаше средби со повеќе македонски функционери за да ги изложи ставовите на официјална Москва за конфликтот со Украина, кој го бранува целиот свет. Дали барал отворено поддршка за руската позиција или само слушал, тешко е да се каже од официјалните соопштенија.
Според соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, на средбата се разговарало и за актуелната општествено политичка и економска состојба, како и за меѓународните предизвици со кои се соочува регионот.