Мицкоски на средба со Шаленберг во Виена


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во обид да покаже дека е прифатлив и посакуван партнер за меѓународната заедница, денес имаше средби и во Виена, непосредно откако присуствуваше на состанокот на ЕПП во Букурешт.
Во Виена тој се сретнал со министерот за надворешни работи Александер Шаленберг.

„На средба со австрискиот министер за надворешни работи Шаленберг. За отворена и мудра дипломатија на аргументи и визија. Политика што дава резултати, и обезбедува иднина“, напиша Мицкоски на Фејсбук по средбата.

Мицкоски најави дека ќе има средба и со македонски иселеници кои ќе дојдат од останатите градови од Австрија за да разговараат за моменталната состојба во Македонија и кои се плановите на ВМРО-ДПМНЕ во иднина.

„На првата средба со Едстадлер ги објаснивме позициите на ВМРО-ДПМНЕ кои што се однесуваат на практично програмата која што би била идна програма на идната влада која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ. Имајќи в предвид дека Македонија е можеби најкорумпираната држава и со најголеми политички криминалци во Владата во Југоисточна Европа и на Западниот Балкан, рековме дека главен приоритет на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде борба против криминалот и корупцијата и резолутно спроведување на владеење на правото. И сите оние кои што се огрешиле пред законот треба да сносат последици“, рече Мицкоски нагласувајќи дека фокусот ќе биде на „криминалците“ од актуелната влада, практично дел од неговата тактика со заплашува да ги замолчува тие што не мислат така и да дојде на власта.

Тој најави исто така дека на различен начин ќе продолжи со евроинтеграцијата на земјата.

„Како проевропска влада продолжуваме и во иднина главен фокус да е интеграцијата на Македонија во рамките на ЕУ. Но, на еден различен начин, од тоа што го правеше досегашната Влада. Ние нема да коленичиме и да бидеме подлизурковци и измеќари. И нема да ги распродаваме националните интереси, и нема да ја крадеме Македонија со едната рака, а со другата да мавтаме со европското знаменце. Туку подготвени сме со сите, на една рамноправна основа, на една двонасочна улица, со аргументирани ставови и позиции да разговараме за вистинска европска иднина на Македонија и да ги реафирмираме вистинските европски вредности, врз основа на кои почива самата Европска Унија, а дефинирани многу одамна од основачите Аденауер, Шуман и Дегаспери“, укажа тој.

Мицкоски нагласи дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е принципиелен и сега и после изборите, дека се подготвени со секого да разговараат, на една рамноправна основа, штитејќи ги националните и идентитетските интереси на македонскиот народ, на граѓаните во Македонија и Македонија како држава.

„За време на средбата со претставниците на Федералната стопанска комора овде, добив информација дека повеќе од 60 компании од Австрија се активни во Македонија во различни области. На увид имавме една анкета која ја спровела комората за впечатоците од повеќе земји каде што тие се присутни, меѓу кои и Македонија. Од таа анкета јасно се гледаат слабостите на системот, јасно се гледа дека станува збор за едно корумпирано општество, јасно се гледа она кое што во моментот го гледаат и го чувствуваат сите граѓани, дека криминалците се во владата и дека после изборите тие криминалци треба да ја напуштат владата и треба да одговараат за сето она кое што го правеа овие шест и половина години. Ние сме подготвени да разговараме со сите оние австриски компании кои што во моментот се во Македонија, но не само со австриските компании, туку со буквално сите и домашни и странски компании да видиме како идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе може да им помогне, уште од сега да воспоставиме контакт и веднаш по формирањето на новата влада, брзо, веднаш да реагираме за да можеме да излеземе во пресрет. А, излегувајќи им на нив во пресрет ќе креираме нови работни места, добро платени нови работни места и луѓето ќе си ги сочуваме дома“, појасни Мицкоски.

Инаку, вратата за австриските коцкарници ја отвори ВМРО-ДПМНЕ додека беше на власта во претходниот мандат.