Мицкоски на средба со менаџментот на „Лидл“, вети брза трака за отворање на маркетите
Премиерот Христијан Мицкоски не неговиот официјален фејсбук профил објави дека денеска во Владата одржал средба со менаџментот на „Лидл“, на која бил информиран за потешкотиите и административни пречки со кои се соочувал германскиот синџир маркети од претходната Влада.
-Денес имав средба со дел од менаџментот на „Лидл“ кој подолго време превземаат активности за почеток на инвестицијата во државата. Разменивме информации за бројните потешкотии и административни бариери со кои се соочувале од претходната Влада. Инвеститорите кои сакаат да вложат во економскиот прогрес и ќе вработат македонски граѓани не смеат да бидат ставени на страна. На брза трака ќе го откочиме процесот и за брзо ќе ги имаме ланците на маркети „Лидл“, стои во објавата на фејсбук профилот на премиерот Мицкоски.
„Лидл“ е најголемиот европски синџир за малопродажба на храна. Заедно со „Кауфланд“ е дел од групата „Шварц“ (SCHWARZ) чие седиште се наоѓа во Некарсулм, Германија. Присутен е во 31 земјa, каде оперативно работи со околу 12.000 продавници и вработува повеќе од 360.000 луѓе. „Лидл“ од септември 2021 година е присутен и во земјава.
Од објавата не е јасно за какви проблеми станува збор. На 13 јуни годинава компанијата објави дека во Скопје започна со подготовки за градежни активности за првиот маркет во метрополата на местото на некогашниот Бриколаж. За таа цел Лидл го купи имотот од 16 000 метри квадратни и ќе инвестира вкупно 14 милиони евра во изградба на маркет. Маркети се предвидени и во други градови во Македонија.
На крајот на јануари годинава Лидл започна со инвестиција – изградба на логистички центар во Куманово, и тој објект треба да се простира на 63.000 квадратни метри и ќе
биде опремен со специјализирани машини, системи за автоматизација и логистичка
опрема, целосно посветени на оптимизација на работењето.
Во мај годинава во Стопанската комора над 130 компании беа запознаени со можностите за соработка со „Лидл“. Овој тип на соработка со локални компании е еден од основните постулати на „Лидл“ во секоја земја каде работи, беше соопштено од средбата.
Тогаш беше соопштено и дека иако „Лидл Северна Македонија“ се уште не е целосно оперативен, овој процес веќе активно функционира. Така македонски традиционални производи се промовирани во „Лидл Србија“ и „Лидл Бугарија“, каде се претставени македонскиот ајвар, пастрмајлијата, кочанскиот ориз, тиквешкото вино, македонското јагне и многу други производи.
„Извозот кој ќе го реализираме преку Лидл Северна Македонија до крајот на 2024 година само во овие две земји е во вредност повеќе од 2.000.000 евра или раст од четири пати во однос на минатата година. Вкусот на македонското овошје и зеленчук го направивме достапен до потрошувачите на Лидл во Србија, Бугарија, Романија, Полска, Чешка, Словачка и Германија. Од април 2023 до март 2024 година беа извезени преку 3 600 палети овошје и зеленчук. Во рамките на календарската 2024 година со нашите локални добавувачи планираме извозот на овошје и зеленчук да достигне 4 500 палети“, соопштија тогаш од компанијата.