Мицкоски на средба со Гренел кој сакаше да разменува територии на Балканот


 

„Плодна и пријателска вечера со Ричард Гренел, американски дипломат, поранешен директор на американската разузнавачка служба и добар познавач на состојбите на Балканот. Економија, енергетика и владеење на право, теми за продлабочување на соработката“, напиша премиерот Христијан Мицкоски околу вечерата со поранешниот американски функционер од времето на Доналд Трамп, Ричард Гренел. 

Гренел остана познат во јавноста кај нас заради обидот да издејствува размена на територии меѓу Косово и Србија и на тој начин да го реши спорот меѓу Белград и Приштина, што беше дочекано на нож од ЕУ и пропадна по покренувањето на обвинението против Хашим Тачи од Хаг. Контроверзи имаше и околу неговото амбасадорување претходно во Германија каде што се сметаше дека е близок со крајната десница,  поради што беше изолиран. Оваа средба очигледно се случува поради очекувањата Трамп да се врати на власт, но е дипломатски некоректна во однос на актуелната администрација на САД и тоа откако Мицкоски најави дека оди во Вашингтон за да ги јакне односите и соработката со оваа земја. 

За средбата реагираше и странскиот аналитичар и добар познавач на Балканот Раниер Јаарасма.

„Една од првите средби на Мицкоски е со Рик Гренел, претставникот на Трамп кој градеше авторитарна оска на Балканот. Гренел ја поткопува надворешната политика на САД уште откако Трамп ја напушти функцијата. Новите надворешнополитички приоритети на Македонија стануваат појасни“, напиша тој на Твитер.