Мицкоски лично ќе гарантирал дека рудникот за антимон нема да загадува
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека лично ќе гарантира дека рудникот за антимон нема да ја загрози животната околина. Коментирајќи ги забелешките на СДСМ и нивното барање за референдум, тој рече дека распишувањето референдум што го побара СДСМ, за рудникот за антимон во Кривопаланечко не може да се оспори бидејќи е уставно загарантирано, но истовремено додаде дека градоначалникот на Крива Паланка, кој доаѓа од редовите на опозициската партија, го поддржува овој проект.
„Правото секој да побара референдум е уставно загарантирано и ние тука не можеме да спориме. Има услови како се свикува референдум“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања, на прес конференцијата во Владата посветена на мерките за кризата со горивата.
Претходно денеска СДСМ преку партиско соопштение побара референдум за изградба на рудникот на антимон во Кривопаланечко, како и ригорозно спроведување на законските мерки за заштита на животната средина.
Мицкоски пак, вели дека и во рамките на СДСМ, не размислуваат сите исто.
„Она што мене ме зачудува е фактот што градоначалнкиокот на Крива Паланка кој што е од редовите на СДСМ има сосема спротивен став од овој на раководството на СДСМ“, рече Мицкоски, додавајќи дека често комуницирал со него, вклучително и денеска.
„Можев да се уверам дека неговиот став е сосема спротивен“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека рудникот за антимон е дел од нашата стратешка соработка со САД, финансиран делумно од САД, и проект кој кога ќе се изгради мора да ги задоволи условите согласно законите и уставот во Македонија.
„За тоа лично гарантирам, а гарантираат инвеститорите. Впрочем зарем некој мисли дека може Ди-Еф – Си да инвестира во ваков проект и тој да не биде соодветно третиран односно да не ги задоволи условите за заштита на животната средина“, рече Мицкоски.
Тој оцени дека станува збор за инвестиција со значаен економски бенефит за регионот и населението, посочувајќи дека областа е типично рударско подрачје и дека проектот е стратешки и за државата и за локалната заедница.