Мицкоски ќе оди на лидерска средба ако на неа не се разговара за промена на Уставот


 

На лидерска средба треба да се разговара за актуелните проблеми, а не за промена на Уставот, вели претседателот на ВМРО-Дпмне, Христијан Мицкоски за повикот на премиерот Димитар Ковачевски. Според Мицкоски, партијата има изградено став околу уставните промени и тој досега не бил променет.

„Покана сѐ уште немаме добиено, не го знаеме форматот на таа лидерска средба, не ја знаеме содржината и темите на кои што би се разговарало, но мојот совет до Владата и до Ковачевски би било доколку се случи таа лидерска средба, да разговараме за она што е навистина голем проблем за граѓаните, а тоа е тешкиот живот, економската состојба на граѓаните, ниските плати и пензии, високата инфлација, потенцијалната енергетска криза… Ако некој мисли дека ќе наметне теми кои што поларизираат, како што е промена на Уставот, па ВМРО-ДПМНЕ ќе седне на таа лидерска средба, па ќе зборуваме за нешто што е веќе познато и константа во јавноста, тогаш се лаже“, изјави Мицкоски за време на посетата на Мралино во општина Илинден.

Тој изјави дека гарантира оти Уставот немало да биде сменет насила, „како што правеа со Преспа“. Тој рече дека во интерес на партијата било да се разговара за една изборна единица, за предвремени парламентарни избори, но ќе ги ставеле овие прашања на страназа да се разговара за проблемите на граѓаните, како и за задолженоста на земјата.

Мицкоски смета дека доколку власта имала 80 пратеници тогаш ќе немаше потреба од ваква лидерска средба, а предлогот за промена на Уставот ќе беше во Собранието.

Во однос на прашањето за укинување на одредбата „20 отсто“ за употребата на јазиците од Уставот за што се залагаат политичките партии на Албанците, Мицкоски вели дека е пострашно тоа што тие бараат формирање дводомен парламент, што според него, би значело де јуре и де факто федерализација.

„Тоа е многу погрешен потег и нарушување на унитарниот карактер на Македонија, бидејќи ниту на Европа, ниту на светот, не му е потребна уште една Босна, уште една нефункционална држава на Балканот. Ние сме против. Може да разговараме за Бадентер, за балансерот, за намалување на тој праг од 20 проценти на 5, 10, 15 проценти ако сакаме да бидеме навистина граѓанско општество, за да можат и Турците и Србите и Бошњаците и Ромите во општините каде се повеќе од тие проценти да зборуваат на својот мајчин јазик. Тоа е суштината на Рамковниот договор, да го покаже мултиетничкиот карактер на државата, а не да ја направи Македонија бинационална држава“, истакна Мицкоски.

Од владината прес-служба вчера соопштија дека премиерот Димитар Ковачевски денеска ќе испрати покана до парламентарните политички партии за лидерска средба, на која ќе се разговара за европската иднина на земјава и за одлуките кои во наредниот период треба да се носат во Собранието со широк политички и општествен консензус. Средбата треба да се одржи во Собранието в понеделник на 7 ноември.