Мицкоски ќе ја менува Историската комисија, сегашната не ги штитела националните интереси

Премиерот негира дека промените имаат политичка заднина, но вели дека новата влада има право да направи нов избор


Доскорешниот претседател на Историската комисија од македонска страна, Драги Ѓорѓиев (Фото: Б. Грданоски)

 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите најави дека во периодот што следи ќе има кадровски промени во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија. 

Според Мицкоски, актулниот состав на зедничката историска комисија од македонска страна не ги оправдала очекувањата и не ги штитела националните интереси. Негира дека промените имаат политичка заднина. 

„Лично ако мене ме прашувате, мислам дека актуелната мешовита комисија апсолутно не ги оправда очекувањата и не беше заштитник на националните интереси на македонскиот народ. Инаку, да – логично е кога имате нова влада да има и промени во одредени институции, не гледам тука зошто би имало политика. Нормално е дека нова влада, нови луѓе коишто управуваат со новата влада, да има и кадровски промени. Не гледам тука што е страшно“, изјави Мицкоски, која беше на манифестацијата по повод роденденот на Мајка Тереза.

Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство потпишан на 1 август 2017 година.

Во состав на комисијата се историчари и професори од двете земји. Македонскиот тим го предводи академик Драги Ѓорѓиев, член на МАНУ и професор на Институтот за национална историја (ИНИ) на УКИМ.