Мицкоски ќе го репреговара договорот со „Бехтел и Енка“

Новата влада предвидена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го репреговара договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10д, најави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Обраќајќи се на завршувањето на дводневниот Самит на „Македонија 2025“, Мицкоски рече дека пред новата влада во врска со договорот со „Бехтел и Енка“ има две можности. „Едната е да се раскине договорот и да се оди на арбитража, а втората е да се седне со компаниите и да се разговара за договорот„, кој како што рече, „треба да се оптимизира“. Според него, условите во договорот се асиметрични. До сега од Буџетот биле издвоени 250-300 милиони евра за реализација на проектот, но „ниту една шајка не е закована“.
Тој исто така најави дека начинот на финансирање на овој проект нема да биде со пари од Буџетот.
Со ова практично најави дека ќе бидат потребни дополнителни средства. Дали за такво нешто ќе се користи милијардата евра која ја навести како заем влада со влада, не беше прецизирано во неговото обраќање.
Пред неговиот настап на Самитот, одговарајќи на прашања на новинарите тој прецизира дека заемот ќе биде од европска земја и дека ќе се користи за финансирање на штетните договори кои ги склучила Владата предводена од СДСМ.
„Наша цел е да обезбедиме средства со кои би ги изградиле автопатиштата, а парите од Буџетот ќе бидат за капитални инвестиции со кои ќе се решаваат проблемите на граѓаните“, рече Мицкоски.