Мицкоски ќе ги „замоли“ советниците во Град Скопје да гласаат „за“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во изјава за медиумите кажа дека од позиција на лидер на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги замоли советниците во Градот Скопје од редовите на неговата партија да ги поддржат програмите, како што бара градоначалничката Данела Арсовска. Според Мицкоски, дури и ако програмите се изгласаат, во главниот град нема да се смени ништо.
„Ги слушнав тие пораки дека не се гласале програмите, кочеле овие, кочеле оние. Како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги замолам советниците кои доаѓаат од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ веднаш на следната седница да ги изгласаат тие програми, ако е до програмите. Мислам дека добив информација дека на 29 август ќе има седница. Ќе ги замолам тие програми коишто Данела Арсовска вели дека не ѝ се гласаат да ги изгласаме и ќе видите дека ништо нема да се смени. Еве, да знаете дека ништо нема да се смени“, изјави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Во Град Скопје денеска се одржува координативната средба на претставници на советничките групи со градоначалничката Данела Арсовска на која се очекува таа да го презентира планот за излез од кризата во главниот град и има оптимизам дека ќе се договорат да се одблокираат програмите.
Во интерес на ВМРО-ДПМНЕ е, инаку, да почнат да соработуваат со Данела Арсовска, бидејќи незадоволството на граѓаните од функционирањето на Скопје, ако може да се нарече така изживувањето,се одразува на резултатите на изборите и на централната власт – што СДСМ го осети на своја кожа.
За најавата на ДУИ дека е можно градоначалниците од оваа партија да излезат од Здружението на општините (ЗЕЛС), Мицкоски рече дека тоа не е зрел потег.
„Велат, кој губи има право да се лути. Мислам дека треба да останат таму кај што им е местото. Ако прават така сите што губат и ги напуштаат институциите тогаш ќе се создаде лоша пракса. Но тоа е нивна одлука“, рече Мицкоски.