Мицкоски: Ќе доставиме ново барање со „Северна“ за анкетната комисија


 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е подготвен да поднесе ново барање за свикување на анкетна комисија за пожарот во болницата во Тетово со употреба на придавката „Северна”. Ако треба, според негова оценка, ВМРО-ДПМНЕ ќе претрпи политичка штета, само за да се дознае и утврди вистината за несреќата во Тетово. Вистината мора да се знае, потенцира Мицкоски, и виновниците мора да се казнат.

Мицкоски уште еднаш обвини дека власта го смени Законот за градба и дозволи модуларната болница во Тетово да се постави „на диво”. Не се потребни меѓународни истраги, оцени, ниту да доаѓаат комисии од „ваму или од таму”, зашто работата е едноставна. Постапката е управна, рече, а процедурата промашена.

-Комисијата требаше да биде формирана пред два дена. Но, еве, јас нека бидам тој што ќе претрпи политичка штета. Што сега, форма ќе бараме? Зошто не сме ја користеле новата придавка? Еве, ќе поднесеме ново барање, ние нека ја трпиме таа политичка штета, јас лично, само нека се открие вистината за 14-те загубени животи и да има одговорност. Ова се локални, а не парламентарни избори. Нема законска необврска да се закаже комисијата. Сосема друго е тоа што спикерот Џафери рече дека веќе нема да закажува седници. Тоа значи дека тој така одлучил, а така одлучил зашто мисли дека на тој начин ќе заштити дел од рејтингот на неговата партија и коалицискиот партнер, истакна Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања пред средсбата со раководството на Стопанската комора на северозападна Македонија.

Тој уште еднаш обвини дека на власта тендерите и се поважни од тоа што се случува во здравството.

-Власта уште еднаш покажа дека врвен приоритет и се бизнисите и провизиите, а откривањето на вистината за тоа што се случуваше пред неколку недели во тетовската модуларна болница, е на дното на приоритетите. Ќе стори се да ја заобиколи вистината, мислејќи дека остане незабележана. Сега, и поради локалните избори, ова е девастирачки настан за неа. Повторно го партизираат ова прашање кое кај мене лично предизвикува чувство на згрозување, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.