Мицкоски како психоаналитичар: Фројд, Стокхолмски синдром за партиската трибина на СДСМ


Фото: Б. Грданоски

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска се стави во улога на психоаналитичар, коментирајќи ги оцените на СДСМ за една годона од владеењето на коалцијата на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ, која на партиска трибина беше оценета како „Македонија понижена“. Наместо конкретни одговори за забележките на опозицијата тој се повика на Фројд и Стокхолмскиот синдром во оцена на партиската трибина на опозициската партија.

„Да, слушнав за денешниот настан кој што опозициската СДСМ го организира, во кој што ќе ја брендираа својата партија, а со тоа и самиот настан како ‘Понижена Македонија’“, рече Мицкоски, кој денеска присуствуваше на пуштање во употреба на реконструираниот регионален пат Понов мост-Богданци.
Одговорајќи на новинарско прашање, како ја коментира денешната трибина на СДСМ насловена „Македонија понижена – Една година Влада“, Мицкоски порача дека сето она на кое што работат овие денови, е токму исплата на сите долгови наследени од оваа партија.

„Јас мислам дека конечно Фројд во полно светло проработи во опозициската СДСМ. Таму претпоставувам има неколкумина кои што имаат силно чувство развиено на Стокхолмски синдром кога жртвата се вљубува во ловецот, па така и тие од СДСМ, политичката партија која што ја понижи, ја клекна ја опустоши и ја разграби Македонија, денеска зборува за понижена Македонија“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека напротив, денеска Македонија „полека но сигурно станува горда“.

„Сето она кое што го работевме изминатата година дена беа токму затворање на дупки и исплата на сето она кое што го наследивме од овие кои што ја понижија Македонија, а тоа е опозициската СДСМ и ДУИ. Исплаќавме пензии, исплаќавме неисплатени плати, кои што не ги беа предвиделе, субвенции за земјоделците. Тоа не беше пречка да не постигнеме историски договор и со просветните работници, со здравствените работници, да реализираме проекти кои што тие не успеаја да ги реализуираат, да отпочнеме нови проекти… Споменав 1.200 до 1.500 градилишта наскоро низ целата држава, така што сето она што го правевме изминатата година дена беше токму она кое што тие го понижија, украдоа, омаловажија, да го исправиме“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека повеќе нема понижуавња и прифаќања на се што ќе се сервира на маса и нема повеќе прифаќање на билатерални спогодби и договори кои што се секогаш на штета на македонскиот идентитет.
„Онаму каде што можеме, се бориме да ја кажеме нашата вистина за Македонија, односно вистинската вистина без разлика дали е Берлин, Брисел, Лондон, Вашингтон…“, рече Мицкоски

Притоа, посочи дека еден таков меѓник ќе биде во вторник во Европскиот парламент, кога што ќе заседава комисијата АФЕТ (Комисија за надворешна политика при ЕП), која ќе расправа за извештајот за нашата земја, кој беше еднаш одложен.
Мицкоски рече дека очекува силна порака од ЕП за македонскиот идентите и македонскиот јазик, но предупреди и на можните ризици.
„Деновиве добив вознемирувачки информации за една силна активност на одредени политичари во Брисел. Успеавме да го амортизираме ударот, кој што повторно некој сакаше да го нанесе врз македонскиот идентитет и јазик. Сепак, огромното мнозинство таму застанува зад нашите аргументи. Ние ќе се бориме против оние кои што изминатите седум години ја ограбија и понижија државата“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека контактирал „со сите од Брисел“ и мисли дека успеал некако да го амортизира оној удар, „кој што повторно некој сакаше да го нанесе врз македонскиот идентитет и јазик, доформулирајќи го, дообјаснувајќи го со модерен или сегашен, само да се обидат да креираат некоја нова нација, а со тоа да го нарушат и кредибилитетот на самата ЕУ“.
„За жал, постојат и такви членови на Европскиот парламент, но среќа за нас што огромното мнозинство таму, застануваат зад нашите аргументи. Ние ќе се бориме против оние кои што изминатите седум години ја ограбија и понижија Македонија“, рече Мицкоски, повторно ставајќи се во улога на психоаналитичар, велејќи дека е „добро што тие имаат развиено силно чувство на Стокхолмски синдром и длабоко во нив силно работи и функционира Фројд“.