Мицкоски како обвинител, има „индиции“ за злоупотреби во Академијата
„Од тоа што го знам има индиции за злоупотреби, има индиции за создавање на еден центар на моќ во обвинителството и судството кој што е партиски октроиран, преку наместени огласи, избори и слично. Такви индиции има, дали ќе се потврди ќе каже МВР“, вели премиерот Христијан Мицкоски за упадот на МВР во Академијата за судии и јавни обвинители во текот на минатиот ден.
Премиерот Мицкоски додаде дека доколку се потврдат овие индиции значи дека тоа е само уште еден доказ дека имаме партиски октроирано и заробено и обвинителство и судство.
„ Доколку се потврди, од тоа што јас го имам на располагање, тоа е уште еден чекор кон тоа дека навистина имаме партиски октроирано и заробено и обвинителство и судство и не ме чуди што довербата е само два проценти. Континуирано ќе продолжиме да се бориме против криминалците во правосудниот систем. Ќе повторам, станува збор за исклучоци. Имаме многу чесни обвинители и судии, но за жал тие се во втор план, овие се во прв план малкумина и затоа состојбата е таква каква што е, односно довербата е скромни два проценти“, рече Мицкоски.
Тој е дециден дека во државата мора да владее правда.
„Ние ќе продолжиме и понатаму. Нема да застанеме тука како Влада. Мора граѓаните да добијат правда бидејќи тоа е она со кое што излеговме уште за време на кампањата на претседателските избори во 2019 година. Правда мора секој да добие“, нагласи тој.