Мицкоски ја презентираше „Платформа 1198“: Ако ВМРО-ДПМНЕ знае нешто, тоа е да прави проекти и програми
Требаше да зборува 45 минути, но претставувањето на изборната програма од страна на лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се оддолжи на речиси час и половина.
„Се надевам дека не бев здодевен“, им се обрати тој на крајот на присутните сопартијци по целодневната сесија, откако ги „бомбардираше“ со многу од 1.198 проекти набележани во предизборната програма „Платформа 1198“, за што повеќепати беше прекинуван од аплаузи.
„Ако ВМРО-ДПМНЕ знае да направи нешто навистина добро тоа е да прави проекти и програми кои ќе бидат најдобриот одговор на реалните проблеми со кои што живеат граѓаните“, рече тој на почетокот. Додавајќи дека тежината на програмата која е направена низ долготраен процес на консултации се состои во даденото ветување дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата си стои на зборот.
„Тие што ме знаат, знаат дека тешко ветувам, но кога тоа ќе се случи ќе направам се тоа да го остварам“, рече Мицксоки.
Мицкоски во своето обраќање рече и дека е дојдено вистинското време, во услови кога треба да се штеди, парламентот да се сведе на 90 пратеници, а во иднина да се исполни барањето на помалите политички партии за една изборна единица.
Меѓу поентите од програмата, тој најави отворање на ново министерство за енергетика рударство и минерални суровини, како и министерство за спорт, при што ќе се трансформира сегашната Агенција за млади и спорт, а секторот млади би се поврзало со ново министерство кое што ќе биде формирано, а ќе биде практично наследник на министерството за труд и социјална политика, а тоа е министерството за социјална политика, демографија и млади. Делот на труд, практично ќе биде поврзано со министерството за економија и труд. Исто така, Мицкоски најави дека туризмот ќе се издвои и ќе биде дел од министерството за култура. Министерството за информатичка технологија и администрација, пак ќе се трансфоримра во министерството за дигитална трансформација.
„Тоа што најмногу интересира граѓаните е намалување на институциите и намалување на луѓето кои имаат и измислени улоги во рамките на тие институции, тоа е укинување на позицијата заменик директор“, рече Мицкоски, при што рече дека ќе се намалат и управните и надзорни одбори и бројот на учесници во нив.
Мицкоски најави промени и кај балансерот, односно негово укинување, при што рече дека тоа е услов за стапување во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.
„Ние цениме дека е неправичен, фаворизиран, дискриминиран“, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу другото најави и нов попис.
„Тоа што е исто така важно колку сме и со што располагаме и за да имаме јасна точна и прецизна слика колкаво е резидентното население, со кое образование е резидентното население и мораме да направиме вистински дигитален попис на населението и домаќинствата“, рече тој.
Мицкоски посочи дека програмата „Платформа 1198“ се потпира на пет клучни столбови.
„Прво, активна и постојана борба за квалитетен животен стандард. Она што им е најпотребно на луѓето е всушност пристоен живот. Второ, отворање на фронт против корупцијата. Трето, институциите да работат според законите. Четвртиот столб е обезбедување на функционален систем за граѓаните. Петто, е заеднички патриотизам кој во суштината е патриотизам кој обединува. И шестиот столб е непоколебливо почитување на правата и слободите на луѓето“, истакна Мицкоски.
Очекувано, едно од централните места беше економијата при што, како што беше презентирано на целодневниот собир на партијата, кој кулминираше со обраѓањето на Мицкоски, се предвидува раст на БДП до 5 отсто годишно, ниска стапка на инфлација од 2,0 до 2,5 отсто годишно, буџетски дефицит кој што постепено ќе се намалува на ниво под 3,0 отсто од БДП, како и намалување на невработеноста до 7,5 отсто, односно создавање на нови 55 илјади работни места.
Мицкоски најави и намалување на даноците со цел Македонија да биде меѓу земјите со најниски даноци за фирмите и граѓаните.
„Ќе го задржиме рамниот данок, данокот на личен доход од 10 отсто нема да се зголемува“, рече Мицкоски додавајќи дека се предвидува и даночно ослободување кај данокот на личен доход за нововработени млади лица до 29 години со цел задржување на младите во економијата.
Исто така, се предвидува и зголемување на прагот за регистрација на ДДВ од два на три милиони денари за консолидиран промет на сопственички поврзани обврзници.
„Ќе направиме целосен поврат на данок на личен доход за секоја вработена жена со новороденче, данокот на добивка останува со стапка од 10 отсто, враќање на даночните поволности на фирмите (признат расход) за уплатените премии за доброволно здравствено и животно осигурување со цел задржување и мотивација на вработените“, рече Мицкоски.
Во партиската програма се предвидуваат и капитални инвестиции од најмалку 3 милијарди евра, редизајнирање на процедурата за поврат на ДДВ и доделување статус на „зелена карта” за олеснета постапка на поврат на ДДВ.
Во областа на земјоделството, ВМРО-ДПМНЕ ќе се залага за поддршка на малите и средните земјоделски производители, со фокус на технолошките иновации, обуките и правилното управување со ресурсите.
Во делот на енергетиката, Мицкоски рече дека во програмата Платформа 1198 се планира следење на иновациите во областа на обновливите извори, поддршката на политиките за енергетска ефикасност, како и подобрувањето на инфраструктурните капацитети се клучните аспекти на планот за одржлив енергетски развој.
„Следењето на иновациите во областа на обновливите извори, поддршката на политиките за енергетска ефикасност, како и подобрувањето на инфраструктурните капацитети се клучните аспекти на планот за одржлив енергетски развој. Ова не само што ги ќе ги стави во режим на оптимален капацитет енергетските ресурси, туку и ќе креира работни места во секторот на зелената економија“, потенцираше Мицкоски.
Во доменот на инвестициите, како што посочи, Платформа 1198 промовира концепт за откривање и привлекување на домашни и странски инвестиции кои ќе ѝ дадат нова енергија на економијата.
„Истовремено, програмата се залага и за ефикасно управување со финансиските ресурси, поттикнување на иновациите во приватниот сектор, како и поставување на одржлив економски развој. Ова не само што ќе креира поволни услови за бизнис, туку и ќе обезбеди долгорочен економски раст кој ќе носи бенефит за сите граѓани“, рече Мицкоски.
Претседателот Мицкоски во текот на своето обраќање се осврна и на млади каде посочи дека ќе се зголеми учеството на младите во политиката, како и понуди мерки за современо образование, полесно студирање преку стипендии и друга помош.