Мицкоски ја обвини опозицијата за напредувањето на Украина и Молдавија кон ЕУ

Премиерот го напаѓа СДСМ и се крие зад Украина и Молдавија за да го сокрие сопствениот неуспех, му одговорија од опозицијата


 

Не е тоа заслуга на владите на Украина и Молдавија што денеска го отвораат првиот кластер во преговорите со ЕУ, туку тоа било поради тоа што опозицијата во тие земји не работела против интересите на државата.

Така денеска премиерот Христијан Мицкоски го релативизираше фактот дека Македонија останува поместена на уште еден перон настрана на патот кон ЕУ и за тоа ја обвини овдешната опозиција, а не фактот дека веќе четири години не можемае да ги направиме уставните измени кои се услов од преговарачката рамка за отворање на преговорите по кластери, а за што главна пречка е ВМРО-ДПМНЕ.

За Мицкоски било проблематично што Украина и Молдавија одат напред, а не ги контролираат целосно териториите на своите држави, за разлика од Македонија.

Одговарајќи на новинарско прашање во зоната „Жабени“ кај Битола, Мицкоски рече овие две земји имале опозиција која не работи против интересите на својата земја и своите граѓани.

Тоа не е целосно точно, особено не за Молдавија. Таму проруската опозиција работеше со сите сили против проевропската претседателка Маја Санду и за парламентарните избори во септември 2025 Кремљ спроведе милионска кампања за дезинформации, која на крајот не успеа. Проевропскиот блок на Маја Санду доби 50,2 проценти, а прорускиот блок, кој е против ЕУ 24 отсто од гласовите.

„Разликата помеѓу овие две земји и нашата е тоа што ние ја контролираме целата држава и немаме такви проблеми какви што имаат тие и кај нив опозицијата не работи против своите граѓани и против својата влада, не ја кодоши сопствената влада и не работи за интересите на туѓи влади кои имаат поинакви интереси, како што е случајот кај нас“, рече премиерот.

Говорејќи во таа насока, премиерот кажа дека и поранешните власти во овие две држави обезбедувале консензус кога станувало збор за стратешки прашања и за надворешни предизвици.  

„Тоа не го направи претходната влада (во Македонија), која беше во една, би рекол, прилично очајна состојба тогаш и беше подготвена да коленичи и да прифати бел лист хартија за да остане на власт. Граѓаните тоа го препознаа, ги казнија и ги испратија во опозиција, на следните избори ќе ги испратат и на политичките маргини, а за нив брзо ќе избледи политичката меморија и никогаш повеќе нема да ни се повторат“, изјави Мицкоски.

Тој не кажа дали ќе продолжи патот кон ЕУ со исполнувањето на условите, туку рече дека владата ќе продолжи да ја гради економијата и да испорачува реформи, согласно Планот за раст на Европската унија.

„Ќе продолжиме да ја градиме македонската економија. Резултати преку ноќ нема. Ние никогаш не сме ветувале чуда и не сме чудотворци. Секој што ветува чуда не ја говори вистината. Ние само ветуваме дека напорно ќе работиме, и работиме. Ќе го добиеме заслуженото. Македонија забрзува и Македонија ќе победи, како што многупати победувала во минатото“, кажа премиерот.

По оваа изјава од СДСМ му порачаа дека се обидел да се скрие за Украина и Молдавија да ја обвини македонската опозиција дека работи против сопствената држава.

„Тоа не е само безобразно, туку и крајно лицемерно.

Прво, Мицкоски не сака Македонија да влезе во Европската унија. Тој свесно ја држи земјата во изолација затоа што знае дека вистинскиот европски пат значи крај за неговата криминална структура која ја презеде контролата врз државата.

Додека Украина и Молдавија напредуваат кон Европа, тој Македонија ја држи назад за да се заштити себеси и своите луѓе.

Второ, наместо да ги спроведе реформите што самиот ги вети и кои требаше да бидат завршени до 1 јуни, Мицкоски нема никакви резултати. Затоа сега ја напаѓа опозицијата – за да го прикрие сопствениот неуспех и отсуството на каков било план за европскиот пат.

Трето, споредбата со Украина и Молдавија е срамна. Владите во тие земји не работат за Александар Вучиќ, не го блокираат сопствениот европски пат заради интересите на криминални структури и руски влијанија.

Македонската опозиција не работи против државата. Опозицијата работи против политика која Македонија ја држи надвор од Европа, која ја штити корупцијата и која личните и партиските интереси ги става над националните“.

Според СДСМ тоа бил неговиот стил: „човек кој наместо да гради, се обидува да уништи сѐ што не може да го контролира. Неговите споредби со Украина и Молдавија се само евтин и неуспешен обид да го прикрие сопствениот страв од Европската унија и сопствениот политички неуспех“.