Мицкоски изненаден од оценката на бизнисмени дека Владата не направила ништо во првите 100 дена
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека е „изненаден“ од оцената дека Владата не направила ништо во првите 100 дена од нејзиниот мандат.
„Тоа беше изјава на претседателката на Организацијата на работодавачи и да бидам искрен се изненадив. Велам, чекај да се јавам на неколкумина од бизнисмените од стопанските комори. Тие, пак, имаа спротивен став и добро е да ги прашате стопанските комори да ви го дадат ставот, а и добро е да прашате зошто претседателката на ОРМ имаше таква позиција без да консултира никого од работодавачите“, изјави Мицкоски во одговор на новинарско прашање при неговата посета на поликлиниката „Идадија“, каде што беше промовиран нов апарат за магнентна резонанца.
Тој рече дека е „прилично задоволен“ од тоа што го постигнала Владата овие 100 дена.
„Сметката на Владата на 24 јуни за прв пат во историјата на независна Македонија беше минус 200 милиони евра. Или минус 12 милијарди денари. Овој месец очекуваме да бидеме на позитивна нула“, рече Мицкоски.
Претседателката на Организација на работодавачи на Македонија, Владанка Трајкоска во вторникот изјави дека очекувале Владата да има сенс за нивните проблеми со кои се соочуваат во текот на работењето како што се зголемување на продуктивноста, немањето работна сила и инфраструктурата.
„Она што очекувавме беа многу високи очекувања, но не добивме речиси ништо. Очекувавме дека оваа Влада ќе има сенс за бизнисот, за сите оние кризи со кои се соочуваме, меѓутоа она што се зборуваше во изминатиот период беше само зголемување на платите на јавната администрација, земање на кредити за општините, заобиколување на проблемите со кои се соочува стопанството во делот на продуктивноста и немањето на работна сила што значи со еден збор ништо“, изјави Трајкоска.