Мицкоски имал дополнителни информации дека ДУИ дека се мобилизира за дестабилизација, за СДСМ само глуми конфликт
Премиерот христијан Мицкоски тврди дека располага со дополнителни информации околу планот на ДУИ, според кој партијата се обидува да анимира критична маса во соседството која би ги поддржала на протести за дестабилизација на земјата. Но, Мицкоски вели дека доколку има насилство, државата и институциите ќе одговорат соодветно за да го заштитат територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија.
„Тоа е наша обврска и тоа ќе го сториме. Имаме план, имаме некои информации кои не би сакал јавно да ги споделувам, ги имаме лоцирано луѓето кои заговараат ваков тип на сценарија. Нивната сметка, што јавна, што тајна, е со повеќе од седум цифри во евра и нормално дека сакаат таа сметка да ја заштитат со манипулирање со чувствата на граѓаните. Но, јас верувам во моите сограѓани Македонци, Албанци, Срби, Турци, Власи, Бошњаци, Роми дека ние сите сакаме да живееме во една мирна заедничка просперитена татковина и да ги поддржуваме политиките кои носат просперитет, а не политиките кои носат криминалитет“, порача денес Мицкоски.
Тој обвини дека ДУИ како партија станала фактор за дестабилизација во регионот и во Македонија и порача дека како Влада ќе се борат против политички криминалци и измамници оти во земјава мора да владее правото и Македонија да биде правна држава.
„Одѕивот кој што е на терен, од тоа што ние го имамаме како информација, е многу лош, кактастрофално лош, бидејќи граѓаните се свесни дека поединци кои што заговараат таков тип сценарија од голтари во политиката станаа милионери и сфаќаат дека тие не се кредибилни за да можат да ги анимираат граѓаните за да излезат на таков тип на протести. Бидејќи тие сакаат да го штитат капиталот кој што го стекнале во овие 20 години, не дека навистина имаат некаква реална потреба од такво нешто“, вели Мицкоски.
Од СДСМ пак реагираа со оценката дека ВМРО-ДПМНЕ секојдневно ја труе јавноста со прес конференции на кои наводно го напаѓа ДУИ, додека во позадина одлично им функционира коалицијата.
„Денес сме сведоци дека ВМРО-ДПМНЕ го реализираше еден од договорите на коалицијата ДПМНЕ-ДУИ, формирано е тело за следење на правичната застапеност. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ денеска заедно изгласаа Одлука за основа на Комисија на Собранието за следење на правична застапеност на етничките заедници. Додека секој ден од ВМРО-ДПМНЕ глумат на прес конференции некакви си напади кон ДУИ, во Собранието пратениците на заеднички гласаат договорени работи. Претходно ДУИ му обезбеди гласови на Мицкоски за новите министерства без кои не можеше да состави Влада во ваков обем“, посочуваат од партијата и додаваат:
„Што друго е договорено меѓу ДПМНЕ и ДУИ? Договорите допрва ќе ги дознаеме, но граѓаните не се слепи за да не ја препознаат манипулацијата и лажните јавни конфликти меѓу двете партии. ВМРО-ДПМНЕ им гласа одлуки на оние за кои вели дека ќе ја дестабилизираат државата – да не беше смешно ќе беше трагично. Овие манипулации со чуствата на граѓаните во јавноста, додека под маса се договараат коалиции се веќе видени методи кои граѓаните ќе ги препознаат и казнат“, порачаа од СДСМ.