Мицкоски имал „чувство“ како ќе се развива истрагата на Груби, СДСМ го прашува какво чувство има за Адамовиќ


Фото: Б. Грданоски

 

Премиерот Христијан Мицкоски синоќа во интервјуто за Сител ги отфрли тврдењата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека постои договор меѓу власта и ДУИ за враќањето на Артан Груби. Филипче уште додаде дека ниту тој ниту во партијата се плашат од сведочењето на Груби. Премерот во интервјуто објаснуваше дека имал „чувство“ како ќе се развива истрагата и дека ќе го држат за збор Филипче и дека нема да говори за политички реваншизам.

„Но, кога ќе дојде до тој момент, а имам чувство дека ќе дојде, да не биде дека е политички реваншизам или нешто друго. Да не биде после тоа како за модуларната ‘јас не сум виновен‘, како од едно во друго министерство се движи тој проект, па како се случува и слично. Да не биде дека еве, некој политички му се реваншира. Тоа е суштината кај СДСМ и нивните прокси ботови, исплашени сѐ од тоа што ќе следи“, рече премиерот.

Тој додаде дека го следел она за што „бруи“ цела јавност по враќањето на Артан Груби од бегство, но не даде своја оценка за предлогот на обвинителот и одлуката на судот за куќниот притвор. „Имаме со право револтирани граѓани коишто во колективната меморија сѐ уште ги имаат оние слики од минатото кога се нарачува судски процеси, луѓе се ставаа во притвор па се вадеа по потреба, се сеќавате за уставните измени како луѓе преку ноќ се ослободуваа за да влезат во  парламентот и гласаат. Така што апсолутно ги разбирам граѓаните и ги поддржувам“, нагласи Мицкоски.
СДСМ денеска реагираше на интервјутот на Мицкоски велејќи дека  „граѓаните кои мислат поинаку од него, оние што го критикуваат неговото владеење, ги нарекува ‘прокси ботови’, откако претходно ги нарекуваше ‘талог на општеството’“. И го прашаа Мицкоски „какво чувство“ има за новиот почесенм конзул на Македонија во Србија, Душан Адамовиќ.

„Нервозните реакции на Христијан Мицкоски во Собранието се силна потврда дека се плаши од откривањето на вистината за неговите релации со Адамовиќ. „Кои критериуми ги исполнил за да биде назначен за почесен конзул на Македонија во Србија? Неговите ставови дека ‘српска Македонија’ била окупирана? 

Неговото криминално минато, бројните афери со кои се поврзува?“, реагираат од СДСМ.