Мицкоски: Има патриоти ИТ експерти кои ќе работат на сајбер безбедност
Македонија кубури со експерти по информациски технологии, кои се потребни за сајбер безбедноста да се подигне на повисоко ниво и тоа во речиси сите владини и други институции, но премиерот Христијан Mицкоски е убеден дека има патриоти кои би работеле за пониска плата од таа што би ја земале во приватниот сектор.
– Апсолутно се согласувам со вас и апсолутно тоа претставува предизвик на владините институци, но и генерално за институциите затоа што како државни службеници има начин како се врши исплатата. Но еве, сѐ уште има такви патриоти коишто сакаат да работат за државата и по цена на тоа, таа плата ќе биде многу пониска од таа којашто ќе ја добијат во приватниот сектор – рече Мицкоски одговарајчи на новинарско прашање како ќе ги мотивираат ИТ експертите да работат таква одговрна работа за ниска плата.
Мицкоски вели дека предизвик е да се најдат соодветни луѓе кои би работеле на оваа проблематика, дека такви луѓе недостасуваат, а со оглед на тоа што за таа позиција им требаат и безбедносни сертификати.
– Не недостасуваат само ИТ експерти. недостасуваат архитекти, недостасуваат градежни инженери, машински, електро, недостасуваат економисти… Предизвик , се бориме, тоа е… Не можеме да гледаме од страна и да лелекаме. Ќе се бориме и ќе наоѓаме начин како да ги мотивираме.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше во касарната „Гоце Делчев“ во Општина Аеродром во објектот на Воената академија „Михајло Апостолски“ каде беше симулиран сајбер хибриден напад.
Таму беа примопредадени минимум сајбер безбедносни стандарди за владините институции на кои се работело во соработка со Амбасадата на Обединетото Кралство.
Добро е да од нашите стратешки партнери добиеме искуство како сето тоа функционира. Како Влада приоритет имаме ставено во делот на дигитализација на државата, нешто што е многу важно и значајно. Огромен приоритет и фокус на сето тоа и се обидуваме да нешто што можеби во минатото било погрешно направено, да го коригираме.
Ние имаме една чудна состојба, имаме recovery, секундарна заштита, односно Центар на податоци или познат како Дата центар, којшто практично служи за поврат на изгубените податоци при сајбер напад, а немаме примарен дата центар и најголемиот дел од институциите и серверите користат outsourcing и така се штитат. Односно, да бидам попрецизен, секој се штити како знае и како умее, а не е тоа организиран пристап“, рече Мицкоски и најави дека треба да работат на примарен центар.