Мицкоски им се заканува со финансиска истрага на сменетите членови на Историската комисија
Владата ќе истражува колкави хонорари земале членовите на комисијата. Мицкоски го цитира Тито: „Нашето мото е дека туѓото не го сакаме, своето не го даваме“
Откако денеска поранешните членови на историската комисија со Бугарија, кои беа сменети пред неколку дена, испратија реакција во која наведоа дека „премиерот свесно испраќа авторитарна и заканувачка порака“ да мора да се следат неговите ставови, Христијан Мицкоски изјави дека ќе се спроведе истрага колкави хонорари се исплаќале и како се трошеле парите во Комисијата.
„Не мислам дека овие политички флоскули од страна на поранешните членови на Историската комисија треба уште да се коментираат повеќе и да им се посветува внимание. Потрошени се стотици илјади народни пари и евра за ништо, за нешто коешто резултираше со капитулација прифаќајќи го тоа што го прифатија двоецот Ковачевски и Османи. Мислам дека отсуството на доверба на оваа влада која што доби легитимитет од граѓаните да ги исправа погрешно водените процеси во минатото кон овие членови на старата комисија, е прашање на политичка одлука, тоа не е прашање на нешто друго дали ОБСЕ ќе се вклучел или не знам кој ќе се вклучи. Нека се вклучи, ама ќе се вклучат сега малку и инспекциските и истражните органи да видиме каде се трошеа парите, колкави се хонорарите на овие коишто направиле ништо изминативе години, односно го засрамија народот во Македонија и ги продадоа македонските интереси“, рече Мицкоски во прилично заканувачка порака кон историчарите. Тој им залепи стигма дека ги „продадоа македонските интереси“.
На новинарско прашање што очекува од утрешната културна дипломатија на македонската делегација во Софија од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, тој рече дека државава сака да гради добрососедски односи. Тој го искористи слоганот на Тито односите со соседите:
„Нашето мото е дека туѓото не го сакаме, своето не го даваме, а градењето добрососедски односи е европска вредност и треба така да продолжиме. На работна посета кај мене беше претседателот на Владата на Косово, Албин Курти, во периодот којшто следи договараме и со премиерот на Албанија Рама посета дали во Тирана или во Скопје, договараме со премиерот на Србија Вучевиќ посета во Скопје, претпоставувам во периодот којшто следи ќе има слични такви посети и со Мицотакис и со премиерот на Бугарија“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на Спортско рекреативен центар „Бранители“ во Љуботенски Пат во Општина Бутел.
Во врска со средбата со новиот евроамбасадор и дали разговарале за пасивизирање на евроинтегративниот процес, Мицкоски повтори дека интеграцијата на земјава во ЕУ останува стратешка цел.
„Мислам дека треба да има разбирање и Брисел доколку навистина сака и доколку навистина има волја да ја види нашата земја како дел од таа маса и дел од европското семејство, тогаш има и начин да го направи тоа и не може никој да ме убеди дека нема начин. Ние не сме во состојба да ги зајакнеме капацитетите на институциите коишто треба да функционираат во иднина поради прашања што се случиле пред 10 века. Тоа не е европска вредност. Ние сме подготвени како Влада да разговараме, да бидеме на маса онолку колку што е потребно за да најдеме решение и да почнеме безусловно да го чекориме тој пат кон полноправно членство во рамките на ЕУ, односно конечно да почнеме да преговараме“, рече Мицкоски.