Мицкоски и Тошковски со плати од над 2.200 евра: Еве колкави се примањата на членовите на Владата


Премиерот Христијан Мицкоски има плата од 140.450 денари, односно околу 2.280 евра, додека вицепремиерите и министрите земаат нето-плата по 115.540 денари (1.870 евра). Исклучок е министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој зема дополнителни 20 отсто во износ од 24.865 денари заради извршувањето на функцијата, со што неговата плата достигнува 140.405 денари, речиси исто колку онаа на премиерот.

Овие податоци се објавени на официјалната интернет страница на Владата, во делот „отчетност“, при што, како што се посочува, станува збор за дел од заложбите на Владата за поголема дигитална транспарентност.

„На оваа страница можете да ги проверите висините на платите на Претседателот на Владата, Замениците на Претседателот на Владата и на министрите во Владата. Висината на платата на министрите е јавен податок“, велат од Владата.

*На министерот за внатрешни работи во Влада на Република Северна Македонија му се утврдува зголемување за 20% на платата утврдена за извршување на функцијата. Додатокот на плата се исплаќа согласно решение бр.16-1561/2 од 12.06.2017 година.

За време на мандатот на претходната влада беа намалени коефициентите за пресметка на плата на 157 функционери кои таа ги именува.

Со одлуката се намалуваат коефициентите на генералниот секретар на владата, владиниот портпарол, националните координатори и нивните заменици, директорите на управите, на инспекторатите, на бироата, државните комисии, агенциите, заводите, фондовите, директорите на затвори…

Коефициентите за функционерите што ги именува Владата се намалија за 12,8 проценти.

Доколку се стават во дооднос примањата на членовите на Владата со просечната плата во земјава, која е околу 34 илјади денари (околу 552 евра), произлегува дека еден вработен со просечни примања треба да работи четири месеци за она што го добива премиерот за еден месец. Доколку пак, се споредат со минималната плата која изнесува 22.567 денари (околу 366 3вра) тој сооднос е осум спрема еден, односно работник со минимални примања треба да работи осум месеци за да заработи колку премиерот или претседателот што ќе заработи за еден месец.