Мицкоски и поддржувал бранителите, но не разговара на таа тема со „Вреди“


Од преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“

 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска отфрли каква било одговорност на владејачката коалиција за процесуирањето на законот за бранителите и насочи одговорноста да се бара кај претседателката на собраниската комисија за труд и социјална политика која е од редовите на опозицијата.

Тој повтори дека ги поддржува бранителите. Одговарајќи на новинарско прашање дали законот за бранители ќе биде ставен на седница на Комисијата за труд и социјална политика, упати на одговор кај претседателката на Комисијата, Илире Даути, пратеничка од опозицискиот „Европски фронт“ од редовите на Алијансата за Албанците. 

„За тоа ќе ја прашате Илире Даути. Треба да го стави“, рече Мицкоски. 

За ист случај, кога претседателката на Комисијата за фуинансирање и буџет (Сања Лукаревска (СДСМ), не го стави на дневен ред законот за задолжување од Унгарија, претседателот на Собранието, Африм Гаши, согласно новиот Деловник, сам ја свика седницата. За законот за бранителите Гаши не сака да свика седница на комисијата.

Мицкоски рече дека за поддршка на законот не разговарал со коалициските партнери „Вреди“.

„Не сме разговарале на таа тема, многу јасно сме го соопштиле нашиот став во минатото. Бранителите ја имале, ја имаат и ќе ја имаат мојата поддршка“, рече Мицкоски. 

Законот за бранители, на предлог на пратеничката од СДСМ Славјанка Петровска, доби поддршка да се носи по скратена постапка.