Мицкоски и Дурмиши со различни ставови за замрзнување на цените и на маржите
Премиерот Христијан Мицкоски и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши имаат сосема различно видување како да ги стават под контрола цените на производите кои се дел од Новогодишната кошничка, за кои ги злоупотребувата дел од трговците. Тие денеска излегоа со различни ставови за натамошните чекори на Владата.
Така, додека премиерот Мицкоски смета дека нема потреба од замрзнување на цените или за ограничување на маржите како одговор на непочитување на договореното од страна на дел од трговиците за производите кои влегуваат во Новогодишната кошничка, министерот Дурмиши најави токму такви мерки.
Така, премиерот Мицкоски, одговрајаќи на прашања на новинарите денес изјави дека цените на одредени продукти се зголемени и 20-25 проценти.
„Тоа е неетично однесување и би рекол нечовечно однесување“, рече премиерот и најави дека уште од денес ќе има реакција на институциите, како и дека ако вака продолжат „таа реакција ќе биде уште поробусна во периодот што следи“.
На прашањето дали ќе се замрзнат цените или пак ќе се ограничи маржата, Мицкоски кусо одговори дека „има и други мерки“, но не прецизираше кои, како и дека јавноста ќе биде запозната.
Од друга страна министерот Дурмиши на прес конференција изјави дека доколку трговците не ги намалат цените на основните производи, ќе се ограничат профитните маржи и цени.
„Доколку трговците нe покажат поголема општествена одговорност и не ги намалат цените на основните производи кои не се во новогодишната кошничка ќе донесеме поригорозни мерки како ограничување на профитни маржи и цени“, рече Дурмиши.
Тој рече дека биле остварени повеќе од 10 состаноци со претставниците на коморите, дистрибутерите, трговците и производителите на кои барале да се воведе поинаква мерка од тоа што било порано, односно да не носи одлука, туку тие сами да понудат за кои производи ќе ги намалат цените.
„Самите се согласија на тоа, но она што го гледаме во изминатите четири-пет дена е дека ја зголемиле цената на производите кои не се ставени во Новогодишната кошница. Очигледно е дека не сакаат да ја почитуваат својата иницијатива со што ќе не принудат да донесеме поригорозни мерки. Ќе донесеме одлука врз основа на податоците што ќе ги добиеме од вонредните инспекции на ДПИ“, истакна Дурмиши.
ДПИ, како што кажа, ќе има законска обврска да пишува казни доколку Владата донесе поригорозни мерки, а не само да укажува како што е случајот сега со доброволната акција која не ја почитуваат оние што самите се согласиле со неа. Во мерките, додаде, можно е да има ограничување за намалување на цените на производите за 10 отсто од цената што ја имале во јули или август годинава.