Мицкоски го условува изборот на уставни судии


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вели дека Собранието е комплетно со 120 пратеници и дека собранискиот спикер треба да се охрабри и да ја свика Комисијата за избори и именувања како останатите комисии, на која треба да се изберат уставни судии. Но, порача тој, доколку власта „сака да партизира уставни судии и по партиска директива да изберат судии“ во Уставниот суд и членови на регулаторни тела, ќе направи се што е во негова моќ тоа да не го дозволи.

 

„ Парламентот има 120 пратеници, не е распуштен, нема исчезнати пратеници. Имаше еден, па го најдоа, јас како што знам. Така што и таа комисија има доволен број пратеници, треба само да се охрабри спикерот на Парламентот да ја закаже и таа комисија да си заседава. Сега, доколку тие сакаат да партизираат уставни судии, по партиски декрети да се ставаат таму, доколку сакаат членови на регулаторни тела да бидат по партиски декрети, простете, но јас нема да се сложам и ќе направам се што е во моја моќ тоа да не го дозволам. Така што, го охрабрувам спикерот Талат Џафери да ја закаже таа седница, како што тоа го прави и со останатите комисии во рамките на Парламентот. А, верувајте ми Парламентот е комплетен, бар сега за сега, со овие 120 пратеника во него“, истакна Мицкоски.