Мицкоски го обвини Пендаровски дека бил дел од „хибриден режим“

За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нелогично е Пендаровски да го дава мандатот „на лице кое не учествувало на изборите“


Интервјуто на Димитар Ковачевски за Сител било „стерилно“, а Пендаровски бил дел од „хибридниот режим“ во Македонија. Така лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ги оцени претседателот на СДСМ и шефот на државата за време на денешната посета на скопската општина Бутел. Мицкоски не успеал да препознае нека „политичка, лидерска реченица“ кај Ковачевски.

„Имав прилика да слушнам едно интервју на Ковачевски, стерилно, буквално не можам да препознаам некоја политичка, лидерска реченица која ќе можам да ја коментирам. Затоа очекувам само продолжување на политиките и ништо друго“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање. 

Тој уште додаде – „освен обраќањето на Ковачевски кон Заев како претседателе, ловориките глорификацијата ништо не слушнавме од новиот лидер на СДСМ“.

Мицкоски не очекува никаков пресврт и во однос на политиките на владата која ќе ја предводи Димитар Ковачевски.

„Продолжува заробената држава и хибридниот режим. ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија со најголема пратеничка група во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ е партија со најмногу градоначалници, три-четири пати повеќе од СДСМ, со најмногу советници во општините, но, ете, Пендаровски продолжува да биде дел од хибридниот режим и заробената држава и одлучува мандатот да го даде на лице кое не учествувало на изборите, ниту ја побарало довербата, ниту има каков било народен легитимитет“, рече Мицкоски, повторувајќи ги квалификациите што вчера ги изнесе лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села.