Мицкоски го обвини Филипче дека лажел за мигрантите и дека шири манипулации
Премиерот го цитираше Наполеон за противниците, но рече дека нема да ја применува неговата максима
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, тврди дека државава била во изминатиот период била изложена на невистинита опозициска кампања дека се договара прифаќање мигранти од Обединетото Кралство. Реакцијата на Мицкоски доаѓа по изјавата на британскиот амбасадор Метју Лосон за ТВ 24 дека „не постои договор, ниту, пак, некогаш постоел за мигранти во замена за пари“. Во интервјуто Лосон рече дека „компонентите од стратешкото партнерство се целосно одвоени. И двете земји сме суверени влади кои склучуваат договори за секоја од компонентите и идејата дека британската влада би направила нешто што на вашата влада не би ѝ одговарало е апсолутна невистина“.
Мицкоски вели дека „паѓа целата конструкција што опозициската СДСМ и нејзиниот лидер Венко Филипче со месеци се обидуваа да ја наметнат во јавноста и оти водат манипулативна политика“. Тој тврдењата на опозицијата ги нарече „еден длабоко деструктивен и потенцијално опасен модел на однесување на Венко Филипче“.
„Во изминатите месеци јавноста во Македонија беше изложена на една упорна и агресивна кампања дека државата наводно тајно договара прифаќање мигранти од Обединетото Кралство. Се ширеше теза дека зад стратешкото партнерство меѓу Македонија и Обединетото Кралство постои наводен таен договор. Се ширеше страв дека Македонија ќе станела камп за мигранти. Оваа теза се повторуваше од ден на ден. Се повторуваше на прес-конференции. Се повторуваше во изјави. Се повторуваше како да е факт.Вчера добивме јасен и недвосмислен одговор од британскиот амбасадор“, рече Мицкоски на денешната прес-конференција.
Со ова, додаде тој паѓа целата конструкција што со месеци опозицијата се обидувала да ја наметне во јавноста.
„Денес, кога вистината е јасна и кога демантот дојде, станува очигледно дека јавноста била изложена на една безобразна политичка конструкција во низа“, рече премиерот.
Според него, ова не бил изолиран случај.
„Ова е еден длабоко деструктивен и потенцијално опасен модел на однесување на Венко Филипче. Гледаме една иста шема која се повторува. Првоо се фабрикува сензационалистичка приказан, потоа се создава медиумска паника, а кога фактите ќе ја разобличат приказната, темата едноставно исчезнува. Го видовме тоа и кога се создаваше паника дека институциите наводно молчат за запленетата дрога во Србија. Се зборуваше за заташкување и скандал уште пред да се утврдат фактите. Потоа се покажа дека институциите работеле на случајот од самиот почеток. Го видовме и кога се тврдеше дека нема средства за пензии и дека Владата не обезбедила финансии за пензионерите“, рече Мицкоски,
Тој вели дека СДСМ сака да ја киднапира Македонија за да се спаси себеси.
Мицкоски спомена цитат на Наполеон – „Никогаш не прекинувај го противникот кога греши“ – но рече дека нема да го прави тоа бидејќи на Македонија ѝ била потребна сериозна и силна опозиција, а не приватизирана.
Мицкоски ја обвини претседателката на Форумот на жените на СДСМ, Каја Шукова. Дека ја искористила трагедијата во Карпош за дневнополитички напади. „Никој во оваа држава нема право човечката болка и трагедијата на едно семејство да ги претвора во сцена за политички поени. Особено не во денови кога целото општество треба да зборува за достоинството, безбедноста и почитта кон жените“.
Стравот од политичка реалност и одговорност за состојбите што ги оставија зад себе очигледно ги турка во состојба на забеганост и тоа во неизвесни и турбулентни времиња, вели Мицкоски.