Мицкоски го нарече Пендаровски кукавица


Од митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Тетово

 

На митингот на кандидатката Гордана Силјановска-Давкова во Тетово претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски нагласи дека Стево Пендаровски и СДСМ ништо не зборувале за извештајот на Фридом хаус.
Мицкоски рече дека „државата на која Стево е претседател, во извештајот стои дека има директно влијание на власта врз правосудните органи и обвинителството“.

„Сте го слушнале ли Стево ова да го осуди или да се огради од тоа? Нема такво нешто. Во извештајот стои дека власта неочекувано направи измени на Кривичниот законик со кој олесни дела и случаи за кои може да се гонат функционери кои сториле престапување на законите“, кажа Мицкоски.

Тој упати прашања до Пендаровски какви планови ковал во вила „Водно“ со Артан Груби, Димитар Ковачевски и Али Ахмети пред неколку месеци.

„Овој чесниот Стево Пендаровски добро е да каже што правеше и какви планови коваше во вила Водно во присуство на Артан, Ковачевски и Ахмети пред неколку месеци поврзано со измените на Кривичниот законик и евентуална можна амнестија на поранешни политичари. Со која цел? Со цел да поминат на шверцерски начин уставните измени и да се прифати бугарскиот диктат, но истовремено да се амнестираат поранешни политичари кои ќе му нанесуваат штета или ќе имаат обид да му нанесат штета на ВМРО-ДПМНЕ. Стево Пендаровски треба на ова да одговори, па потоа да дискутираме дали ќе одиме на дебата или нема да одиме од која патем кажано денес Стево како најголем кукавица избега“, рече Мицкоски.

Во обраќањето пред присутните Силјановска-Давкова рече дека ако не го остварувате она што сте го ветиле, ако не сте напредувале во економијата, во здравството, социјалната заштита, образованието, „вие сте делигитимирани и треба да си одите. Не да ветувате дека сега во вториот мандат чуда ќе направите. Однесувањето на нашиот претседател ми личи на Јанус со не знам колку лица. Еднаш вели: ‘Сѐ што не сум остварил, ќе остварам. Па  наредниот ден вика: ‘Се остварив, нема причина што друго да ветувам дека ќе остварам’.

На, ни треба политичар со интегритет и дигнитет. Политичар со народен народен лик! Кој ќе биде со народот и меѓу народот преку народните канцеларии. Кој ќе биде меѓу народот преку пораките во парламентот. Кој ќе биде за народот кога ќе става вето. Кој ќе биде исто така за државата и нацијата кога надвор ќе ги праќа најдобрите дипломати. Кој ќе биде за уметност, наука и култура кога ќе им доделува награди на најдобрите. Кој ќе биде за право и правда кога во судски совет ќе именува најдобри правници. Кога ќе биде за уставност и законитост тогаш кога најдобрите судии ќе бидат во судовите. Тогаш тој ќе ја заслужи Македонија и ќе ја направи повторно горда“.