Мицкоски го најави за утре почетокот на есента на протестите


Со протест против поскапувањето на струјата главната опозициска партија ја најави нивната есен на незадоволство против новата влада која не е ни десет дена на власт. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за утре попладне од 18 часот го најави првиот протест за поскапувањето на струјата. Според планот соопштен од Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција протестот ќе започне пред Министерството за правда, а ќе заврши пред Регулаторната комисија за енергетика. „Таа е маша на власта и ќе бараме цената на струјата да се врати на старо“, рече Мицкоски.

Користејќи го познатиот вокабулар за „мафијата на Заев“, Мицкоски ги повика сите незадоволни политички партии, интелектуалци, синдикати, здруженија, еснафи и поединци. „Време е да се обединиме да ги надминеме нашите разлики и да направиме опозициски фронт против оваа власт која е мафија и која продолжува да се богати на грбот на народот. И точно е можеби имаме разлики, различни гледишта можеби и различни концепти. Ама и во Тетово, Битола, Штип или Скопје народот го обединува една работа, а тоа е сиромаштијата против која мораме заеднички да се бориме. Мафија не се руши само со една битки, туку со многу битки и труд, а ова е почетокот на нивниот крај“, рече Мицкоски. (Н.В.)