Мицкоски го фали Отворен Балкан. Во Белград не дојде Еди Рама, но беше Милорад Додик

Еди Рама не дојде во Белград, но таму дојдоа првите луѓе на Република Српска, Милорад Додик и Жељка Цвијановиќ


Христијан Мицкоски, Александар Вучиќ, Милорад Додик и Милош Вучевиќ

 

Македонскиот премиер денеска имаше грст пофални зборови за Отворен Балкан и за неговата цел за поврзување на луѓето и економиите од регионот. На отворањето на меѓународниот саем за вино, храна, ракија и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ во Белград Христијан Мицкоски рече дека настанот е доказ за моќта на соработката, визијата и посветеноста што нашите земји ја имаат кон унапредувањето на економските врски, културната размена и туристичката промоција. Регионалната иницијатива создава можности што го поврзуваат нашиот регион со светот и токму оваа платформа е пример како традицијата и иновацијата можат да одат рака под рака.

Ова е прво присуство на Мицкоски на голем настан на Отворен Балкан. Но тој во Белград беше опкружен само со српски политичари, албанскиот премиер Еди рама не дојде. На манифестацијата беа српскиот претседател и премиер Александар Вучиќ и Милош Вучевиќ, како и претседателот на Република Српска, Милорад Додик, и членото на Претседателството на Босна и Херцеговина од РС, Жељка Цвијановиќ.

Виното, рече Мицкоски, како културно наследство на овој дел од Европа, е многу повеќе од производ – тоа е симбол на нашата историја, земја и труд, но и мост меѓу луѓето, градејќи разбирање и пријателства.

„Горд сум што денес, овде во Белград, можеме да ги претставиме достигнувањата на македонската винска индустрија која се вбројува помеѓу најразвиените во регионот.  Македонија годишно произведува 100 милиони литри вино, од кои речиси 70 проценти се извезуваат во над 40 земји низ светот. Особено сме горди на нашите автохтони сорти, како што се вранец и станушина, кои стануваат препознатливи брендови на меѓународната сцена“, рече премиерот Мицкоски.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ја поздрави иницијативата истакнувајќи дека е важно да се поврзуваме и сподели дека е горд на сите што се вклучени во организацијата, додека премиерот на Република Албанија, Еди Рама, во видео обраќање истакна дека платформата е добар начин за спојување и презентација на најдоброто од земјите.

„Албанија е горда за придонесот во овој регион. Веруваме дека заедно со соседите од Балканот можеме да постигнеме повеќе, отколку сами“, рече Рама.

Во рамки на посетата на Србија по повод учеството на Саемот Мицкоски денеска имаше тет-атет средби со Вучиќ и со српскиот премиер Милош Вучевиќ.

Мицкоски и македонскиот амбасадор во Србија, Никола Тупанчевски вечер ќе имаат обраќања на македонската вечер што ќе се одржи во хотелот Хајат.

На третиот меѓународен саем за вино, храна, ракија и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ што се одржува во Белград од 22-24 ноември ќе бидат претставени 650 изложувачи од 37 земји.