Мицкоски ги обвини Пендаровски, Ковачевски… дека пишувале статуси за поддршка на само една страна во војната

Мицкоски зборуваше и за Јалта и рече дека таму Черчил, Рузвелт и Сталин не воделе сметка за македонските интереси


Христијан Мицкоски при обраќањето во Гевгелија

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска уште еднаш повтори дека е за зачувување на територијалниот интегритет на Украина и за поддршка на мирот, но избегна директно да спомене дека во моментов се случува инвазија на Русија врз истата таа Украина. Според него, власта го прогласила народот за проруски, а тој е „промакедонски“.

Според официјалниот транскрипт на неговиот говор на регионалниот отчет во Гевгелија, Христијан Мицкоски рече:

„Господа од власта, сѐ додека Ковачевски и Заев, Пендаровски, Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи пишуваат статуси со поддршка на едната страна, овој народ е револтиран од вас бидејќи немате никаков авторитет кај овој народ и ќе биде против вас. Сѐ што ќе кажете народот ќе биде против вас, затоа што сте нелигитимни и ве води нелегитимиен премиер кој е поставен таму само за да ги продолжи политиките на заевизмот кои беа жестоко поразени на последните локални избори.  Затоа колку повеќе вие го делите народот, толку тој посилно се обединува“.

Според него, делбата на Украина – Русија била поради теснополитички и теснопартиски интереси, „но и не кога ќе треба да стане збор за тендери или набавки од фирми кои се наоѓаат на црниот список на нашите сојузници. Тука нема проблем и Русија ја признаваат само криминалот и пљачката да си тече“.

Мицкоски додаде дека народот не е „не ни е проруски, ниту проукраински, нашиот народ е промакедонски, затоа што ние, а и тие кои го делат народот треба да работат исклучиво и само за еден интерес, а тоа е македонскиот интерес. А, сонот за Македонија е држава на напредни граѓани каде се споделуваат цивилизациските вредности темелени на принципите и вредностите, на стандардите и правилата на Европската Унија, и почита на меѓународното право“, рече Мицкоски.

Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ зборуваше и за конференцијата во Јалта на победниците од Втората светска војна, велејќи дека таму немало никој да ги брани македонските интереси. На конферецијата во Јалта учествуваа Черчил, Рузвелт и Сталин. „Во Јалта никој не водеше сметка за интересите на македонскиот народ, ниту пак за интересите за македонската држава. Сите тие си ги гледаа своите интереси, интересите на своите народи, на своите држави, а македонскиот народ и неговиот интерес беа на дното на нивните приоритет. Денеска македонскиот народ е посвесен од било кога и пообединет од било кога и си го гледа својот македонски, промакедонски, слободарски интерес и интересот на Македонија како суверена независна држава“.