Мицкоски ги нарече „измеќари“ Ванковска и Јакимовски, тие му возвратија уште поостро
Стевчо Јакимовски го нарече Мицкоски „марионета“, кој имал улога за промена на Уставот, „а веднаш потоа да признае дека сме нација од 1944, да прифати дека нашиот јазик е бугарско наречје“
Веќе почна битката во кампот на оној таканаречен патриотски блок во кој се четворица од седуммината кандидати за претседател. Затоа сите треба да делат еден базен на гласови на кој претполага право Гордана Силјановска-Давкова. Уште непочната кампањата почнаа непримерни квалификации и навреди за двајца од кандидатите и тоа од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Христијан Мицкоски, денеска, додека го даваше потписот за Гордана Силјановска-Давкова, ги нарече „измеќари“ Блијана Вановска и Стевчо Јакимовски кои, според него, имале улога да ја ославнат кандидката на опозицијата во првиот круг на изборите. Дека тие ќе имаат „естрадна улога“, и дека нивната кандидатура била по налог на некои „работодавачи“.
„Нивната улога е да се обидат да го ослабнат потенцијалот на Силјановска-Давкова, тие немаат друг капацитет ниту потенцијал. Но, мислам дека после резултатот од првиот круг на претседателските избори ќе им стане и ним јасно што може да очекуваат две недели потоа на парламентарните избори, а само ќе биде потврдена победата на Силјановска-Давкова“, рече Мицкоски.
Тој потоа додаде: „Можеби вистинското прашање е да ги прашате овие кандидати што ќе прават во вториот круг, бидејќи во првиот ќе имаат само естрадна улога и ништо повеќе од тоа. Така што, дали ќе останат доследни измеќари на нивните работодавачи и во вториот круг ќе го поддржат, претпоставувам, Стево Пендаровски или, пак, можеби нешто друго ќе им кажат на своите гласачи. Така што, можеби тоа е вистинската тема со која треба да се занимаваме, што ќе прават овие луѓе во вториот круг – дали навистина ќе бидат опозиција, како што тврдат, или ќе продолжат да бидат опозиција на опозицијата и ќе го поддржат Стево Пендаровски доколку се квалификува во вториот круг“,
Веднаш потоа, на социјалните мрежи и двајцата остро му возвратија на Мицкоски:
„Мицко ме нарече измеќарка. Во право е, измеќарка им бев во 2019 година кога се отепав од работа. Си знаат добро што работев, а можам и да ги потсетам ако заборавиле. Е, ајде сега играј витешки!“, напиша Ванковска на Фејсбук, веројатно алудирајќи на времето кога се спроведуваше Преспанскиот договор и се промени уставното име на државата.
Јакимовски возврати со тоа што го нарече Мицкоски „марионета“. Тој напиша на Фејсбук:
„Христијан по изборите треба ја одигра марионетската улога за промена на Уставот, а веднаш потоа да признае дека сме нација од 1944, да прифати дека нашиот јазик е бугарско наречје и дека споделуваме иста историја, дека македонските револуционери се Бугари по род, вклучувајќи ја и македонската икона Гоце Делчев. Ваквата улога ја доделуваат на личности како Христијан Мицковски, а народот во мене препознава личност која ќе се спротистави токму на ваквите предавства“, напиша Јакимовски на Фејсбук.
Според него, „пред очите на македонската јавност, режисерите од надвор го ослабнуваат ДУИ, ја делат Алијанса и му ги додаваат другарите на Албин Курти БЕСА, како иден коалициски партнер“.
Јакимовски уште додава:
„ Јас не сум ад-хок политичар и не прифаќам споредни, туку главни улоги. Во секоја изборна кампања јас имам сопствена идеја и своја програма и со неа победувам, потоа кон истите се приклучуваат останатите политички субјекти, затоа што секогаш сум бил иновативен, оригинален, рационален и доволно храбар да го спроведам тоа што сум го намислил“.