Мицкоски: Eксперти работaт на законот за правичната застапеност
Премиерот Христијан Мицкоски потврди дека постои работна група од експерти која работи на подготовка на ново законско решение за правична застапеност и оти министерот за јавна администрација Горан Минчев не е дел од неа.
-Јас не ги коментирам ставовите на поединци кои доаѓаат од нашите коалициски партнери. Да, има работна група во која има експерти кои работат на изготвување на законско решение кое што ќе биде уставно, кое откако ќе биде дефинирано ќе биде дадено на увид на јавноста, ќе го слушнеме судот на јавноста, а потоа и на Венецијанската комисија пред да влезе во собраниска процедура. Инаку, да, има таква група, министерот Минчев не е во таа група, кажа Мицкоски прашан дали постои работна група во врска со Законот за правична застапеност со оглед дека останатите два коалициски партнери во Владата имаат различни ставови по ова прашање.
На новинарско прашање, премиерот Мицкоски повтори дека догодина нема да има зголемување на платите на функционерите.
„ Едно е сигурно, покрај тоа дека еден ден ќе заминеме сите од овој свет, е дека од догодина нема да има зголемување на платите на функционерите“, кажа Мицкоски.