„Мицкоски е политички наследник на Ванчо Михајлов“, вели Пендаровски


Стево Пендаровски во Ресен

 

На претпоследниот ден од кампањата претседателот Стево Пендаровски беше во Ресен. Тој таму рече дека Христијан Мицкоски е наследник на Ванчо Михајлов, контроверзниот, па и озлогласен лидер на ВМРО меѓу двете светски војни.

,,Има една изјава од сегашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, пред некој месец во однос на бугарските клубови кои се отвораа. Вели: ‘Имаме проблем со отворањето на бугарскиот клуб кој е наречен Цар Борис, ние сме против тоа, треба да се преименува. Но немаме против бугарскиот клуб кој го коси името на Ванчо Михајлов’. Зошто? Затоа што вели: ‘Ние како политичка партија сме наследници на историското ВМРО’. Што значи дека Христијан Мицкоски е политички наследник на Ванчо Михајлов“, рече Пендаровски.

Тој ги повика граѓаните да се обединат и помасовно да излезат на гласање на 8 мај и рече дека неговата и понудата на противкандидатката се дијаметрално спротивни.

„Јас нудам прогрес, тие нудат враќање назад. Ние ја внесовме државата во НАТО и почнавме преговори со ЕУ, тие најавуваат репреговарање на договорите кои го овозможија тоа. Со нас има слобода на говор, тие, ако се дограбат до власт, ќе апсат новинари и ќе имаме режим број 2“, рече Пендаровски пред ресенчани.

Според него, во времето на ВМРО-ДПМНЕ државата била во приватна сопственост и ги деградираше граѓаните во зависност од тоа дали некој гласал за нив или не. Истовремено, го осиромашија народот, но самите се богатеа без контрола.

„Дојдоа скромни, си заминаа како мултимилионери“, потенцираше Пендаровски. Тој ги повика жителите на Ресен во среда да размислуваат за иднината на државата во целина, бидејќи само опцијата број 1 нуди просперитетна иднина.