Мицкоски: ДУИ ги дели граѓаните на подобни и неподобни


Секој граѓанин има право да ги користи демократските алатки за да го изрази своето незадоволство, но доколку тоа е на штета на унитарниот карактер, на законите и Уставот, Владата ќе мора тоа да го заштити.

Ова е коментарот на премиерот Христијан Мицкоски во врска со изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека ќе го демонстрираат незадоволството поради формирањето на владата за која оцени дека нема етнички легитимитет.

„Вчудоневиден сум како ДУИ не извлече поука дека треба да го искористи овој период во опозиција, да се реформираат кадровски и програмски и на некои од наредните избори да излезат и да понудат нови кадровски и програмски решенија. Вчудоневиден сум како раководството на ДУИ ги дели Албанците како никој досега во минатото во Македонија на подобни и неподобни. Тоа го прави раководството на ДУИ кое се повикува на легитимитет од страна на Албанците. Жалам што продолжуваат да тонат во своето политичко мочуриште“, рече Мицкоски.

Пораката и кон ДУИ и кон СДСМ, рече Мицкоски, е дека раката кон нив ќе биде секогаш подадена кога станува збор за државниот интерес, интересот на граѓаните и државата – да застанат рамо до рамо со владините политики или да се изградат заеднички политики и консензус.

„Ние не сакаме да биде ова еднонасочна, туку двонасочна улица зашто на граѓаните им е преку глава од политички игри, сплетки и поделби. Граѓаните сакаат единство, сакаат проекти, сакаат да реализираме нешто што ќе биде додадена вредност во нивните животи“, додаде премиерот.