Мицкоски до Брисел: Не можеме повеќе да прифаќаме ултиматуми!


Премиерот Христијан Мицкоски по средбата со претседателот на Европскиот совет Шарл  Мишел, кој е во заминување, се пожали на неправдите и понижувањата што според него ги трпи Македонија во процесот на евроинтеграција и прати нејасна порака дека разботиме да ги зајакнеме институционалните капацитети а не за членство во Унијата, сакајќи веројатно да каже дека со толку билатерални пречки и ултиматуми никогаш нема да стигнеме до тоа. 
 
„Она кое што можев да го кажам тамуе дека мора процесот на интегрирање  во рамките на Европската Унија и за нас, но и за регионот да се темели на процес кој што ќе се оценуваат постигнувањата, а не на билатерализација, односно на билатерални прашања, кои што ќе бидат одлучувачки фактор.За жал, ние речиси две и пол децении откако го започнавме овој интеграционен процес, откако го потпишавме Договорот за асоцијација и стабилизација, сме жртви на билатерални проблеми, односно на билатерализација на претпристапниот процес. И она што таму го кажав е дека ние сега се бориме да започнеме преговори во кои што ние ќе ги зајакнеме институциите и ќе ги збогатиме капацитетите. Не зборуваме за полноправно членство во рамки на Европската Унија. Ние поради билатерални прашања, поради прашања кои што се поврзани од средниот век не можеме да се развиваме како држава за 21, 22 век, а камоли пак да зборуваме за нешто повеќе.
 
Така што уште еднаш потенцирав дека ние не можеме повеќе да прифаќаме ултиматуми и за нас принципот тие се таму, вие сте надвор, ако сакате да бидете таму треба тоа да го прифатите, простете но ние такво нешто не можеме да прифатиме. А од друга страна ни велат дека има желба да бидеме како држава, членка во Европската Унија. Мојот одговор на таа теза е, ако има желба, тогаш има и начин“, рече Мицкоски по средбата со Мишел, иако таквата порака исто така може да се примени и кон неговата Влада, т.е. ако сака и тој може да најде решение за споровите што ја мачат државата. 
Тој условите што ни ги даде Брисел за почет ок на преговорите ги нарече ултиматум.
 
„Ние сме тука да бидеме конструктивни, да останеме фокусирани на исполнување на оваа стратешка цел. Остануваме фокусирани да предлагаме решенија, и ако навистина има желба, тогаш има и начин. За време на ручекот еден од присутните спомена дека се потребни жртви да се направат во овој процес на интегрирање на регионот во рамките на Европската Унија. Јас само потенцирав дека правење жртва можеби за нас е и добар збор и политички коректен збор, бидејќи ние бевме жртва на многу понижувања во минатото. Пожртвуваност е нешто друго. Но, ние бевме понижени многу пати. Ќе ве потсетам во името на европските вредности променивме знаме, променивме банкноти, неколку пати Устав менувавме, менувавме име, што не направивме за да покажеме дека навистина сакаме да бидеме дел од европското семејство. И некој кога ќе ми каже ама тоа е rule of unanimity или правилото на еден глас, ве молам, тоа е ултиматум. Не се тие европските вредности во кои што мојата генерација се вљуби. Јас сум подготвен со секого да разговарам, колку е тоа потребно, со секој буквално да разговарам додека не најдеме вистински пат, кој што овој пат нема да биде понижувачки. Да ни дозволат да ги јакнеме институциите и да ги збогатиме нашите капацитети како држава, тоа е она што го барам. Дали е многу? Јас мислам дека не е многу,“ порача Мицкоски од Европскиот совет.