Мицкоски: Дислокацијата на „Усје“ не е проблем за владата
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата ќе постапи во рамки на своите ингеренции по заклучоците донесени од Советот на Град Скопје за цементарницата „УСЈЕ“, нагласувајќи дека и вонредните инспекциски контроли и евентуалната дислокација не претставуваат проблем доколку тоа е во интерес на граѓаните.
„Се бараат вонредни инспекциски проверки и тие веќе се спроведуваат. Што се однесува до дислокацијата, ниту тоа не е никаков проблем за Владата. Сѐ што е проблем за граѓаните е проблем и за нас. Јас ги разбирам граѓаните, тие секогаш се во право – сите тука живееме и го дишеме овој воздух“, изјави Мицкоски.
Советот на Град Скопје вчера ја прифати иницијативата за дислокација на цементарницата „Усје“ надвор од градот. Советот едногласно ја усвои иницијативата на „Зелен хуман град“ со следниве мерки:
Прво, Град Скопје ќе побара од Министерството за животна средина да испита дали „Усје“ и другите индустриски загадувачи ги исполнуваат законските услови; второ, Државниот инспекторат ќе спроведе ненајавени инспекциски надзори за утврдување на фактичката состојба; трето, општините ќе мора да ги земат предвид наодите при урбанистичко планирање; и четврто, градоначалникот на Скопје ќе побара од Владата да разгледа постапка за дислокација на „Усје“ и други загадувачи надвор од скопската котлина.