Мицкоски бара од Заев да „не коленичи пред Софија“
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ смета дека Софија нема да отстапи сѐ додека не се усвојат бугарските позиции
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оцени дека актуелната Влада ериозно го загрозува евроинтегративниот процес на Македонија со авантуристичка политика во дипломатијата, повикувајќи го премиерот Зоран ЗАев да не попушта, т.е. да не коленичи пред Софија.
„Народот ова не го заслужува, туку заслужува да се отпочнат преговори со ЕУ, бидејќи само тоа е начинот да докажеме дека сме компетативни и дека заслужуваме место на иста маса со земјите од ЕУ“, изјави Мицкоски при посетата на општина Градско.
Според него, националните отстапки што ги нудат Заев и оваа влада немаат крај, бидејќи и барањата на Бугарија исто така се големи и практично се резултат на, како што рече, авантуристичката политика на нашата влада изминативе години.
„Сега има нови предлози за преговори од шест месеци, нови разговори на ниво на комисии, но никој не ја кажува вистината. А, вистината, откако поинаку беше протолкуван новиот бугарски премиер, ја кажаа неколку бугарски политичари меѓу кои Џамбаски, кој е најголем македономразац на Балканот, и тие кажаа што лежи зад блокадата. Тоа е дека ја сметаат Македонија за втора бугарска земја и дека сѐ додека не биде делумно или целосно усвоена бугарската резолуција ние нема да добиеме можност да почнеме преговори со ЕУ“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека се останато е авантуризам и нарушување на преговарачките позиции и, колку повеќе коленичат Заев и Османи, толку поголеми ќе бидат барањата на нашиот источен сосед.
„Не е европска вредност и дипломатија ако коленичите, туку да покажете став и да се држите до црвените линии“, нагласи Мицкоски.