Мицкоски бара од новинарите да слушаат внимателно


 

Во манир на еден силен владетел од соседството, премиерот Христијан Мицкоски вчера побара од новинарите да слушаат повнимателно кога тој зборува за да не кажува одговори кои веќе ги кажал и затоа немало да има потреба од дополнителни прашања за иста работа. Веројатно и со своите студенти е попресретлив и, претпоставуваме, дека ним сака подробно да им го пренесе своето знаење, па макар прашувале за слични работи и по десет пати.

Според она што го слушнавме од видео инсертите кога одговараше за договорената камата со неколку банки за користењето на унгарскиот кредит, премиерот дословно кажа вака:

„За сите оние компании кои ќе вложат во основни средства за работа, вклучително и во системи од обновливи извори на енергија, но и оние кои ќе изградат деловно-административен простор кој ќе го користат за свои потреби.

Но беше мојот одговор на вашето прво прашање (се обраќа кон новинар – н.з.). Ако внимателно слушавте можеби ќе немаше потреба од второто прашање. Ќе може да се земе максимум до 10 милиони евра…“

Таква е забелешката на премиерот. Новинарите треба внимателно да прашуваат, а уште повнимателно да слушаат. Да не поставуваат дополнителни прашања, па макар биле и слични, за да не се одзема многу од времето на премиерот. Затоа што тоа за Христијан Мицкоски е драгоцено. Како што се драгоцени и неговите зборови. (Н.В.)