Мицкоски бара од ЕУ да покаже дека нѐ сака во Унијата

Премиерот ја повтори идејата уставните измени да се донесат со одложено дејство


Фото: Б. Грданоски

 

Премиерот Христијан Мицкоски го повтори ставот во однос на преговарачката рамка и уставните измени, велејќи дека за нив прифатлива алетнатива е усвојување амандмани на Уставот, но со одложено дејство, односно да стапат во сила тогаш кога за државата ќе биде донесена одлука да стане полноправна членка на ЕУ.

„Јас како човек немам намера да прифаќам грешки од минатото коишто се катастрофални суштински. За жал, тие грешки биле прифатени од некои политичари од меѓународната заедница и сега сите ние сме заглавени. И повеќе од две и пол децении ние сме заглавени. Не сме заглавени сега, повеќе од две и пол децении ние зборуваме за европска иднина, за европска перспектива и за сето тоа и секогаш има уште нешто. Треба истите тие коишто тоа го кажуваат да ни кажат дали сметаат на нас. Ама не декларативно, да покажат со дело. Ако сакаат да покажат со дела еве начин, им дадовме начин. Одложеното дејство е еден од начините“, рече Мицкоски на новинарско прашање денес во Штип.

Според него, политичарите треба да престанат да прават преседани и да се фокусираат на водење политики, оти, вели, постојат институции кои кажуваат чии права се нарушени.

Евроамбасадорот Дејвид Гир во интервју за Радио Слободна Европа, изјави дека во Брисел нема волја зе менување на преговарачката рамка. Во однос на уставните амандмани, тој посочи дека веќе имаме решение на маса.

„Се сеќавате уште во јули 2022 година многу внимателно ги следев преговорите што се водеа приближно помеѓу есента 2020 година и тој договор што беше постигнат на 22 јули не беше лесен процес, или за која било страна, беа направени компромиси. И како резултат на тоа, мислам дека веројатно е склучен најдобриот договор што можеше да се направи во тоа време? Дали оваа влада би можела да постигне подобар договор? Јас лично многу се сомневам во тоа. Се разбира, тоа е прашање меѓу двете влади, но многу се сомневам дека тоа може да се постигне. И не гледам апетит во Брисел за повторно разгледување на преговарачката рамка, која е основа на преговорите. Како што велам, има решение на маса. Би било добро сега да напредуваме кон тоа решение“, рече Гир.