Мицкоски бара итна лидерска средба


Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната прес-конфернција соопшти дека веднаш е потребна лидерска средба за да се разговара за актуелната политичка, здравствена, образовна, економска ситуација во земјава.

„Уште еднаш ја реактуелизирам потребата веднаш од лидерска средба. Лидерска средба на која ќе разговараме за актуелната политичка, здравствена, образовна, економска ситуација во нашата Македонија. Веднаш лидерска средба за да можеме понатаму заеднички да ја градиме нашата Македонија“, рече Мицкоски.

„Требаше да добиеме датум за преговори, но добивме вето. Вето кој не е само кочница за иднината, туку и израз на исклучителната неспособност на Владата, на Зоран Заев и неговата ‘домат’ меѓународна политика. После четири години лаги дека само што не сме почнале преговори денес е јасно дека имаме Влада која не може да испорача европска иднина. Ја лажеше јавноста дека ќе има европска иднина, се откажа од Македонија и продолжи со скандалозното интервју на бугарскиот медиум да се откажува од идентитетот. Тоа и де факто не му успеа затоа што се случи народ“, рече Мицкоски.

Мицкоски се осврна на она што направи Владата во изминатите 100 дена. Според него, се работи за 100 дена загубена иднина, загубена економија, загубени животи и достоинство, атакуван идентитет, загубена правда, криминал, загубени штедни влогови, илјадници загубени работни места, загуби за земјоделците, бизнисот, загубени инвестиции…

„100 дена Влада на постојани загуби, потенцира Мицкоски. Дополни дека „за 100 дена граѓаните добија вето на патот кон ЕУ, влеговме во економска рецесија, пропадна банка, втор Тат, афера тешка 200 милиони евра, поскапе електричната енергија, се загубија 1.400 животи поради отсуство на стратегија и акутна неспособност на здравството, неспособност да се менаџира со здравството“, нагласи лидерот на опозицијата.