Мицкоски: Албанија ќе нѐ претрка
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, вчера во интервју за Канал 5, рече дека е убеден оти Албанија никогаш нема да стане полноправна членка на Унијата, не поради Албанија, туку поради ЕУ.
„Сега изјавувам дека Албанија никогаш нема да стане членка на ЕУ. Не поради Албанија, туку поради позициите на Европската унија“, рече Николоски.
Неговиот шеф Мицкоски, пак, денеска изјави:
„Бевме во многу групи што предводеа во евроинтергациите. На почетоците на овој милениум бевме во група со Романија и Бугарија, за да излеземе од неа, потоа бевме во група со Хрватска, па излеговме, па во група со Србија и Црна Гора за и таа група да нѐ претрка, а еве сега и Албанија ќе нѐ претрка“, пишува „Рацин“.
Ова се совпаѓа со информациите што ги има порталот „Рацин“ од извори од Брисел дека ЕУ институциите се подготвени да ги стават Албанија и Црна Гора на брза лента бидејќи овие две земји имаат постигнато голем напредок, особено Подгорица, и дека Европската комисија со овие две земји има причини да прогласи успешен процес за проширување на унијата.
„Рацин“ дознава дека премиерот Мицкоски, придружуван од министрите Тимчо Муцунски и Орхан Муртезани се соочил со јасна позиција на ЕУ дека не може да се очекуваат отстапки од воспоставената преговарачка рамка усвоена од страна на Европскиот совет, односно од сите земји членки, како и од Северна Македонија.
На разговорите во Брисел на членовите на нашата делегација им било речено дека не гледаат рационални причини да се отстапи или да се влезе во процес на ревизија на преговарачката рамка за кои е тешко во ЕУ да се најде оправдување.
Ако владата во Скопје остане на сегашните позиции, пишува „Рацин“, наведувајќи извори од Брисел, се соочува со наместо на Црна Гора и Албанија, да влезе во пакетот на останатите три земји.