Мицкоски ѝ покажувал на Фон дер Лајен слики од убиените младинци во Ваташа

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ тврди дека постоењето на македонскиот јазик во преговарачката рамка било „голема лага“


 

Три дилеми (или позиции) ѝ искажало лидерството на ВМРО-ДПМНЕ на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на нивната средба во мисијата на ЕУ во Скопје. И плус ѝ презентрирало фотографии од гробовите на младинците убиени во Ваташа, од Вера Циривири – Трена, како и од вагоните во кои се депортирале Евреите од Македонија.

Тоа го соопшти претседателот на партијата Христијан Мицкоски на прес-конференција, информирајќи за што зборувале со Лајен и кои се нивните дилеми (или позиции). Мицкоски рече дека немало дебата во парламентот по обраќањето на Фон дер Лајен.

„Дилемата која што ја има ВМРО-ДПМНЕ, македонската јавност и граѓаните е следна:  Во членот 11 од документот наречен EU Common Position или заеднички став на ЕУ јасно стои дека Македонија нема да ги почне преговорите сѐ додека не биде променет Уставот. Дали е тоа точно или не е точно оставам јавноста експертска и луѓето кои што се занимаваат со оваа проблематика да дадат одговор.

Втората дилема која ја имаме и второто прашање е околу историјата. Членот 14 вели дека деновиве ќе биде потпишан документ којшто се нарекува Протокол, а во тој документ ќе се зборува за сѐ, само нема да се зборува за владеење на право, борба против криминал и корупција, подобра економија, поквалитетно здравство, покомпетитивно образование. Туку ќе се зборуваме за средниот век, за 18 или 19 век, чиј бил Гоце, чиј бил Даме, чие било Илинденско востание. Ние ќе зборуваме за сѐ, само нема да зборуваме за тоа кое што е важно за граѓаните, а тоа е поквалитетен живот. Да бидам попрецизен ќе бидеме фокусирани само на историја.

И третото прашање за коешто имам исто така дилема, а и позициите на ВМРО-ДПМНЕ се такви и имаат дилема е воведната изјава, членот 3 каде што јасно стои дека акито или преговарачката рамка ќе биде преведена на македонски јазик, но бугарската страна ќе даде еднострана изјава со тоа како таа го гледа македонскиот јазик. Така што дека ние имаме чист македонски јазик, односно дека имаме јазик чист кој што буквално ќе биде дел од преговарачката рамка и од документите на Европската унија, е голема лага“, рече Мицкоски.

Покажувајќи документ тој зборуваше за третата конференција на Обединетите нации од 1977 година за стандардизација на светските јазици, одржана во Атина, каде што јасно стои разликата помеѓу бугарскиот јазик и македонскиот јазик со македонското кирилско писмо.

„И ова го покажав на средбата“, рече Мицкоски и нагласи дека ги покажал гробовите на децата од Ваташа, на младинците од Ваташа. „Ова ли го прават администратори?“, запраша тој. А истото прашање го постави околу депортирањето на македонските Евреи како и убиството на славната партизанка Вера Циривири – Трена.