Максим Димитриевски бара целото раководство на СДСМ да поднесе оставки

Претседателот на ЗНАМ бара и од ВМРО-ДПМНЕ да потврди дека немале контакти со Зоран Заев


Максим Димитриевски

 

Претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, денеска се вмеша во работите на неговата поранашена партија и ги повика раководителите на СДСМ во наредните 24 часа да поднеселе оставки. Во исто време, тој рече дека се согласува со ВМРО-ДПМНЕ за неприфаќањето на уставните измени, но постави и свои услови. На прес-конференцијата Димитриевски главно делеше задачи за другите партии претставувајќи се како победник на изборите на 8 мај. Тој во исто време ги повика граѓаните масовно да излезат на биралиштата.

Димитриевски го повика раководството на СДСМ во наредните 24 часа да поднесе неотповикливи остави од функциите во партијата, како и носителите и коносителите на кандидатските листи на нотар да изјават дека нема да прифатат пратенички мандати.

„Во наредните 24 часа раководството на СДСМ да поднесе комплет неотповикливи оставки од сите можни функции во партијата. Второ, носителите и коносителите на кандидатските листи на нотар да изјават дека нема да прифатат пратенички мандати. Трето, да се обврзат дека ниту тајно, ниту јавно нема да продолжат да заговараат соработка со сегашното ДУИ, за навистина, а не само формално, туку и суштински да покажат дека ја примиле вистински пораката на граѓаните и постапиле веднаш по неа“, рече Димитриевски. Тој рече дека „срцето го болело“ кога ги гледал неговите поранешни сопартијци како неволно постапувале по задачите на раковоството.

Тој рече дека ЗНАМ имал работни групи кои ќе преговарале со СДСМ „со некое преодно техничко ново раководство на СДСМ“ за евентуална соработка само ако ги ревидираат сите досегашните нивни политики за најважните национални прашања. Па дури и целосна одговорност пред законот без можност за амнестија.

Димитриевски рече дека ако не ги прифателе неговите услови СДСМ немал право да му се обраќа на ЗНАМ.

Тој имаше пораки и до ВМРО-ДПМНЕ, укажувајќи дека се согласува со нивните програмски определби за неприфаќањето на уставните измени, како и неприфаќањето соработка со ДУИ. 

„Барам да потврдите дека не е точно оти дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ заговара јавна или тајна соработка со поранешниот премиер Зоран Заев, преку неговите фикс кандидати за пратеници, како што е Венко Филипче и други, за обезбедување на 2/3 мнозинство во идниот собраниски состав. Во спротивно доколку немате таков став, најдобро е самите да си продолжите и јавно да соработувате, а ние ќе продолжиме заедно со народот, рече Димитриевски.

На прашањето кој од двата кандидати во вториот круг на претседателските избори тој лично го преферира, Димитриевски рече дека јавно го кажал својот став во јули 2022 година кога им се извини на граѓаните за поддршката што претходно му ја дал на Пендаровски.