МФ: Не се планира зголемување на стапките на ДДВ и на персонален данок, туку уделот кој општините го добиваат
Не се планира зголемување на стапките на ДДВ и на персонален данок, туку уделот кој општините го добиваат, информираат од Министерствот за финансии, откако во дел од медиумите беше објавена вест дека се размислува за зголемување на даночните стапки.
„Изјавата на министерот за финансии Фатмир Бесими во емисијата ‘Економски магазин’ се однесува на зголемување на уделот кој општините го добиваат од наплата на ДДВ-то и од персоналниот данок, како трансфери од централен буџет, а не на стапките на ДДВ и персонален данок“, појаснуваат од Министерството за финансии.
Министерот Бесими гостуваше во емисијата „Економски магазин“ на тема „Фискална децентрализација“, каде ја презентираше реформата за унапредување на фискалната децентрализација.
Од Министерството во реакцијата до медиумите додаваат дека „и самиот автор на емисијата ‘Економски магазин’ Горан Теменугов преку социјалните мрежи посочи: ‘поради мала непрецизност објавена на веб-страната на Алсат, каде што стоеше дека ќе се зголемува ддв и персоналниот данок, дојде до забуна во јавноста. Информацијата се однесува на зголемување на тоа колку општините ќе добиваат од собраниот ддв и персоналец, а не на зголемување на даноците. Значи, ќе се зголеми процентот што ќе го добијат општините, а не даноците“.
На непрецизностите во ддел од насловите на објавената вест „наседнаа“ и од опозицијата. Така лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски без да ги провери фактите, на Фејсбук напиша дека власта со ова удира по џебот на народот.
„Заев со покачување на даноците директно удира по џебот на народот. Во
време на корона ќе страдаат најсиромашните, но и сите други. Се задолжија
милијарди, а сега народот треба да ја плаќа нивната неспособност и криминали.
Ова е план на Заев и Бесими да му ја одерат кожата на народот. Одете си,
секој ден поминат во тие фотелји е на штета на државата и народот“.
Засега, нема реакција на Мицкоски по објавување на појаснувањето на Министерството за финансии дека станува збор за погррешно интерпретирање на неговата изјава.
Од Министерството за финансии велат дека во рамки на реформата за унапредување на фискалната децентрализација, за која претходно и министерот за финансии и Министерството за финансии ја информираа јавноста, се предлагаат три столба – подобрување на фискалниот капацитет на општините, домаќинско и отчетно работење и зголемување на транспарентноста.
Кај првиот столб се предлага зголемување на уделот кој општините го добиваат од наплатата на персонален данок, како и постепено зголемување на стапката на дотација од наплатениот ДДВ, според перформансот на општините. Имено, планирано е формирање два фонда: Фонд за перформанси за општините коишто покажуваат позитивни резултати и имаат повисока реализација на сопствените приходи и Фонд за изедначување за општините коишто имаат пониски приходи, но истите покажале фискален напор и добри резултати во прибирањето на сопствените приходи.
Овие предлози ќе бидат ставени на јавна дискусија со ЗЕЛС и со сите засегнати страни со цел оваа реформа да се носи преку еден транспарентен и инклузивен процес, велат од Министерството за финансии. (Н.В.)