Метал четворката „Соулфлај“ со концерт во Скопје


Во рамките на оф-програмата на фестивалот Таксират за своето годинашно 21. издание, го потврдија концертот на култните „Соулфлај“ кој ќе се одржи на 5август во Младинскиот културен центар. Славната бразилско-американска метал четворка предводена од неуништивиот Макс Кавалера, доаѓа во Скопје во склоп на турнејата за последниот студиски албум „Ritual“.
Повеќе од две децении, „Соулфлај“ ревносно го продолжува својот култен статус со секој последователен албум и турнеја. Во таа смисла и нивното најново, 11. по ред долгоносечко издание „Ritual“ го остварува ветувањето на легендарното име и ја живее метал церемонијата од највисок поредок со пеколни рифови, громовити перкусии и застрашувачки гролови.
Како лидер на еден од најголемите метал бендови „Сепултура“, само кога ќе се спомене името на Макс Кавалера, треш-метал фановите се присетуваат на деведесеттите и времето кога групата владееше на светската сцена со армија верни фанови. Денеска со статус на еден од најзначајните претставници на метал музиката на сите времиња, тој е на турнеја со „Соулфлај“, чиј нов албум го опишува како „трајбл треш дет“ и враќање на звукот кој „Сепултура“ го свиреше на круцијалното издание „Chaos AD“.
Уште од објавувањето на првиот албум истоимен „Соулфлај“, опстојува неприкосновеното место на групата во пантеонот на светската метал сцена, а нејзиниот легитимитет го потврдуваат и класиците како „Primitive“, „3“, „Prophecy“, „Dark Ages“, „Conquer“, „Omen“, „Enslaved“, „Savages“, и меѓу поновите „Archangel“.
Покрај тоа, нивната кариера бележи традиција на соработки кои ги здружуваат некои од најголемите имиња на метал музиката, како Чино Морено од „Дефтонс“ и Кори Тејлор од „Слипнот“, па сѐ до Том Араја од „Слејер“ и Тод Џонс од „Неилс“. Заокружување на досегашната 20. годишна кариера претставува токму новиот албум „Ritual“ кој воедно ги покажува „Соулфлај“ во најсилно издание, а со кој групата доаѓа и пред македонската публика.
„Соулфлај“ се враќаат по речиси 15 години од нивното последно гостување во земјава кое резултираше со легендарен, неверојатно моќен концертен настап.
Првите 100 билети за концертот со промотивна цена од 700 денари ќе бидат пуштени во продажба на 3 јуни, а ќе може да се набават на продажната мрежа на МкТикетс. По нивното распродавање, цената на билетите во претпродажба ќе биде 850 денари, додека нивната финална цена ќе биде 1.000 денари.
„Соулфлај“ го сочинуваат Макс Кавалера (вокал, гитара), Марк Рицо (гитара), Мајк Леон (бас, вокал) и Зајин Кавалера (тапани).